Кејот како прометна сообраќајница

239

Плочникот веќе е уништен, а многу од плочките пропаѓаат или се искршени. Од градот велат дека бараат решение да се запре сообраќајот

Кејот „13 Ноември“ стана прометна улица, бидејќи во кое било време на денот може да се забележат автомобили, мотори, електрични тротинети и други видови возила, иако тој треба да претставува само пешачка зона по која можат да се движат граѓаните. За нив стануваат сѐ поопасни и движењето и шетањето покрај кејот, бидејќи недисциплинираните возачи, покрај тоа што возат автомобили по плочникот, се движат и со голема брзина. Оваа појава од поодамна го загрозува кејот, а градските власти и полицијата никако да се справат со недисциплинираните возачи, кои преку градскиот плоштад влегуваат и возат по плочникот на кејот. За нив не важи правилото дека право на влез имаат само возилата за дотур на производи до угостителските објекти. Натрапниците не ги спречуваат ниту таблите со ознаки кој и кога може да влезе, ниту хидрауличните столпчиња. Пешачкиот дел на кејот не е предвиден за толку голем сообраќаен метеж од автомобили, па од тие причини и плочникот веќе е уништен, а многу од плочките пропаѓаат или се искршени. Граѓаните се револтирани поради сево ова, а секако и угостителите, кои секојдневно се сведоци на атакувањето од автомобилите на кејот „13 Ноември“.

Од градот велат работат на тоа да најдат решение за проблемот и ќе го направат тоа во соработка со Министерството за внатрешни работи и општината Центар.

– Градот Скопје, во соработка со МВР и општината Центар, како и сите субјекти што се инволвирани во оваа состојба, работат на наоѓање решение за проблемот. Станува збор за комплексно прашање, бидејќи истата таа е пристапна улица со ограничен сообраќаен режим, каде што има рампа и паркинг за пристап на угостителските објекти за дотур на стока, како и за дел од објектите на ГТЦ и „Македонски телеком“.

За жал, на кејот често имаме состојби каде што несовесни граѓани ги паркираат возилата на оваа локација и создаваат сообраќаен хаос. Деновиве беше регистрирано кршење на дел од столпчињата и тоа создаде завчера поголем метеж, а нашите екипи ќе интервенираат за нивна санација – велат од градот Скопје.

Но скопјани, кои сакаат да прошетаат покрај кејот, сакаат што побрзо да се реши хаосот со сообраќајниот недозволен метеж, бидејќи не знаат дали се на шетачка зона или, пак, на некоја сообраќајница.

– Одамна не сум прошетала по кејот „13 Ноември“ и, ете, решивме со сопругот да прошетаме, а потоа преку плоштадот на улицата Македонија да седнеме некаде на кафе. Се изненадивме со која брзина најпрвин покрај нас помина автомобил, а потоа додека се свестивме по автомобилот со неверојатна брзина прелетаа млади со електрични тротинети. Збунети не знаевме од кого повеќе да се чуваме, дали од автомобилите или од тротинетите. Видовме и неколку многу силни и бучни мотори. Не ни беше јасно како може да се движат овие возила кога улицата е забранета за сообраќај. Но во Скопје сѐ е можно – вели загрижената скопјанка.

И од општината Центар, пак, велат дека се запознаени со проблемот и веќе работат на наоѓање решение, иако проблемот не е нов, тој трае со години.