Карпош ќе добие спортско-адреналински парк

107
Паркот на кејот на Вардар е финансиран од Европската Унија

На кејот на Вардар ќе се гради спортско-адреналинскиот парк во близината на вливот на реката Лепенец во Вардар. Ќе се протега на вкупна површина од 6.500 квадратни метри, а неговата изградба се очекува да започне во мај. Атрактивниот парк за возрасни и деца ќе биде изграден на три нивоа и на површина од 1.600 квадратни метри. Паркот како капитален проект е финансиран од Европската Унија, а имплементатори се Светската банка и кабинетот на заменик-министерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, како дел од проектот за локална и регионална конкурентност. Поточно, ЕУ покрива 87 отсто од вкупната вредност за реализација на проектот или 47.238.993 денари, а општината Карпош од својот буџет ги обезбеди преостанатите финансиски средства, односно 7.342.832 денари – информираат од општината.

Според проектот, просторот ќе биде хортикултурно облагороден и уреден и ќе бидат засадени повеќе од 100 дрвја. Ќе бидат поставени и нова урбана опрема, клупи, канта за отпадоци и лежалки за релаксација. Ќе се изгради плато за одмор со мини-сквер, а во околината ќе се постават тоалети и четири дрвени куќички за продажба на безалкохолни пијалаци. Просторот ќе го осветлуваат енергетско ефикасни ЛЕД- светилки со соларни панели.

Од Карпош велат дека покрај паркот, планирани се и други нови парковски површини. Хортикултурно ќе се уредуваат повеќе локации и тоа спроти хотелот „Карпош“ на улицата Шекспирова и во продолжение делот околу Драмскиот театар и пред маркетот „Тинекс“ во Карпош 2. Дополнително, со ново зеленило ќе се уреди и потегот по должината на булеварот 8 Септември како и делот отспротива, зелениот појас кај комплексот „Македонија“ и лабораторијата „Авицена“ и потегот на улицата Љубљанска, спроти кафе-барот „Чаптер“.