Карпошани ќе молат да прекинам со раззеленување

7015
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Стефан Богоев, еден од најмладите политичари во земјава што на последните локални избори ја доби довербата од карпошани, без влакна на јазикот говори дека во минатото ненаменски се трошеле парите на граѓаните во општината. Непотребно се спонзорирале кошаркарски кубови, се фаворизирале едни инвеститори на штета на општината, прекуноќ се менувале ДУП-ови, а со тоа се уништувала животната средина за сегашните и за идните генерации. Во разговорот за „Нова Македонија“ најавува крај на урбаната мафија во Карпош, а младоста ја согледува како сериозна предност за работа, од која граѓаните што го избрале, по завршувањето на неговиот мандат и проекти, ќе ги увидат промените во секој аспект во функционирањето на општината

Какви ефекти очекувате да има извештајот на Државниот завод за ревизија за материјално-финансиското работење на општината (во текот на изминатите четири години), кој неодамна го презентиравте пред јавноста?
– За да се продолжи напред, мора да се стави рез на минатото. Со моето стапување на функцијата градоначалник на Карпош и претходно во мојата кампања реков и се заложив дека ќе направам финансиска и секаква друга ревизија за работата на претходното раководство на општината. Имавме ревизија од Државниот завод за ревизија, a извештајот што го добивме деновиве говори многу работи. Според првите мои процени, се работи за класично недомаќинско работење и има сериозни индиции за нерегуларности, со елементи на корупција и криминал. Ревизорот, меѓу другото, исто така констатира ненаменско и неоправдано трошење на буџетските средства, со доделување средства без потпишување договори на повеќе организации, здруженија на граѓани, поединци и правни лица, спортски клубови што не давале финансиски извештаи, фактури за начинот на кој ги потрошиле доделените средства. Меѓутоа, јас не сум надлежен да констатирам корупција и криминал, ниту, пак, лично да обвинам некого за тоа. Има надлежни органи, обвинителство и суд што треба да го утврдат тоа, но сѐ што е најдено, и од ревизијата и од внатрешниот увид, ќе биде проследено понатаму на истражување од страна на органите на прогонот. Бараме одговорност што поскоро.

Каква е состојбата во општината во моментов и кои се приоритетите на кои работите сега?
– Најпрво сакам да истакнам дека општината ја затекнав со 430 вработени, што е енормно голема бројка според сите параметри. Скопски општини со многу поголем број жители од Карпош имаат од 170 до 200 вработени. Градот Скопје, на пример, без претпријатијата, има администрација некаде околу 460 вработени, што во споредба со Карпош укажува само дека наидовме на превработеност, а со тоа и оптоварено функционирање на општината.
Затоа, во изминатиот период, за да се зголемат ефикасноста и професионалноста на администрацијата, општината не ги продолжи договорите на дел од лицата што беа работно ангажирани, но не станува збор за некритичен прекин на договорите, туку лицата или не доаѓаа на работа или не ги извршуваа работните задачи. По ваквиот мој чекор и кратењето на голем дел од проектите, активностите што општината ги реализирала во минатото без никаков ефект за своите жители, а на грбот на новата локална власт, решив да ја насочам мојата енергија кон нови продуктивни мерки и планови што во моментов ги сметам за приоритетни. Во таа насока, му дадовме тежина на едно ново одделение што подготвува проекти со кои аплицираме пред странски финансиски институции за грантови и поволни кредити за развој на општината и дополнително го зајакнавме одделението што работи на легализација на дивоградбите на територијата на Карпош. Зошто? Затоа што Законот за легализација донесен уште во 2011 година за бесправно изградени објекти, оттогаш па досега предизвикал голем интерес кај граѓаните, каде што имаме над 35.000 барања за легализации во Карпош. Тоа, според мене, е показател за приоритет за граѓаните да можат да ги легализираат своите објекти или, поинаку кажано, да си добијат и на хартија покрив над главата.

Што планирате да преземете за да го спречите дејствувањето на градежната мафија и постојат ли мерки со кои вие ќе ги ревидирате проблематичните ДУП-ови за кои реагираат граѓаните на оваа општина? Дополнително, можете ли да посочите конкретни објекти што се под ревизија за ова, за да се спречи дивеењето на градежните работи?
– Секој ден вршиме увид во ДУП-овите и речиси секојдневно излегуваат нови проблеми скриени во деталните урбанистички планови од страна на претходното раководство на општината. Овде имаме проблем што е и законски проблем. Општопознато е дека минатата власт неколкупати го има менувано Законот за градење. Со тоа регулативите што потекнуваат од истиот закон се катастрофални и ѝ ги врзуваат рацете на општината во справувањето со таканаречената градежна мафија и енормната градежна експанзија во Карпош, но и во Скопје. Сѐ што е овде инкриминирано, сѐ што е спорно при носењето на ДУП-овите редовно го поднесуваме до надлежните судови. Во таа насока, по моето стапување на должност, беа избрани и нов модел на работа и комисиски тим во Секторот за урбанизам при општината. Во исто време, за овој проблем реагирав и до ЗЕЛС и до самиот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, за да дојде до сериозни промени како во Законот за градење така и во Законот за зеленило, со кои ќе ни се овозможат брза реакција и стопирање на одредени ДУП-ови и дивеење на градежната мафија.

Кои се вашите планови за во иднина, за спроведувањето нови проекти во делот на дејствувањето на општината поврзани со екологијата, заштитата на животната средина, зголемувањето на зелените површини?
– Пролетта ја почнавме со акција за зазеленување. Всушност, набавивме 113 шестгодишни дрвја, со кои деновиве ги покривме повеќето паркчиња во неколку населби низ општината. Карпош 1, 2, делот кај Млечниот ресторан, како и сегменти од населбите Тафталиџе 1 и 2 добија полнорасни здрави дрвја, кои веќе од оваа година ќе можат да го прочистуваат воздухот. Со оваа активност се поклопуваме и со акцијата на градот Скопје за зазеленување на градот. Во понеделникот, со градот Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, посадивме и нови 42 дрвја по должината на булеварот 8 Септември. Станува збор за едно од главните мои изборни ветувања во мојата програма и подготвени сме што поскоро да се почне со детална реализација. На полето на заштитата на животната средина се предвидуваат и повеќе зелени маалски скверови (катчиња) или зелени мини-оази, за граѓаните да имаат што повеќе простор и можност за рекреација, како и, воопшто, раззеленување на просторот. Веќе имавме средба со граѓани и јавна презентација за еден ваков урбан сквер, кој ќе се наоѓа на границата меѓу Нерези и Тафталиџе 2. Тука можеме да ги спомнеме и субвенциите за набавка на велосипеди, за да почнеме да ги менуваме навиките и да им го привлечеме вниманието на граѓаните за тоа дека е потребно и пожелно што повеќе да го користат ова превозно средство, кое не влијае на животната средина. Оваа година, меѓу другото, планираме да почнеме и со изведба на големиот парк по должината на реката Вардар (спроти Карпош 4). Некои од проектите што се претходно планирани, а се поврзани со екологијата и се покажале како добри и корисни за граѓаните, ќе продолжиме да ги реализираме. Општината ќе зазелени до толку што жителите ќе „ме молат“ да престанам.

Карпош е најверојатно единствената општина во Македонија што со проектот за гасификација предничи пред другите. Што планирате да сторите на ова поле дополнително?
– Карпош веќе има добра постојна инфраструктура за гас. Во моментов заедно со другите скопски општини и градот Скопје работиме на проекти и организирање на целата работа за создавање некое градско претпријатие што ќе стопанисува со енергентот. Планот и идејата се до ноември, односно почетокот на грејната сезона годинава, да ги имаме првите објекти во општинава (училишта, градинки) приклучени на гас, за потоа да може да следува спроведување на мрежата и до другите поголеми капацитети, но и до домаќинствата во Карпош. Мислам дека ќе имаме голема можност веќе од оваа есен да ги имаме поголемите капацитети во општината што ќе бидат приклучени на гас, а од наредната, според моите процени, се надевам на проширување на инфраструктурата, што ќе обезбеди пристап за користење на гасот и до домаќинства. Во тој контекст убеден сум дека процесот на гасификација во општината Карпош на голема врата наскоро ќе пристигне пред карпошани.

Честопати во медиумите ве дефинираат како млад политичар што е амбициозен во своето работење, па, оттука, дали кажаното го гледате како предност или како пречка во функционирањето и по што верувате дека ќе ве паметат карпошани во овој мандат?
– Јас ја согледувам младоста како сериозна предност. Тоа ми дава повеќе сила, повеќе енергија и повеќе време да можам да им се посветам на проблемите, кои се многу, и да одговорам на нив. Од друга страна, младоста создава амбиција да создадеш кариера, а не да се збогатиш прекуноќ, а создавањето кариера бара сериозна работа. Убеден сум дека граѓаните по четири години ќе видат и ќе почувствуваат сериозни промени во секој аспект во функционирањето на општината. По истекот на мандатот, општината ја гледам со тројно зголемено зеленило, со достоен и квалитетен воздух, со модерни училишта и училишни дворови, организирани во зони за здрав живот и рекреација, како општина со целосно решен проблем за паркирање, кое ќе остане бесплатно. Општината Карпош ќе биде без урбана мафија и побезбедна за сите граѓани.