Канализацијата е полна со градежен шут и кабаст отпад

Надлежните мака мачат со затнатите канализациски системи - Фото: Маја Јаневска-Илиева

„ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА“ ПРЕДУПРЕДУВА

Екипите на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје често се сведоци на затната канализациска мрежа, а причина за тоа е неправилно фрлениот отпад, информираат од претпријатието

Градежен шут, пластичен отпад, отпадоци од храна, кабаст отпад, чевли, облека и уште многубројни предмети на кои местото не им е во канализациската мрежа, сепак се вадат оттаму. Надлежните мака мачат со затнатите канализациски системи, кои предизвикуваат огромни проблеми на целокупната мрежа. Граѓаните постојано ги прекршуваат правилата, се чини дека најлесно им е да фрлаат во шахтите во близината на нивните домови, каде што никој не ги гледа, наместо да фрлаат во контејнерите или, пак, на местата предвидени за тоа.

Во услови кога се случуваат краткотрајни но обилни врнежи од дожд, речиси постојано низ метрополата може да се забележи понекоја шахта, која наместо да ја собира водата од улиците, ја исфрла во облик на гејзир. Па веднаш штом се случи такво нешто, граѓаните веднаш ги напаѓаат надлежните дека не си ја сработиле добро својата работа, објавуваат фотографии, обвинуваат, а всушност за таквата состојба виновниците секогаш се наоѓаат во нивните соседи, кои молчешкум се ослободуваат од ѓубрето фрлајќи го во шахтите.

– Живееме во многубројна населба во Бутел. Кај нас може буквално сѐ да се види. Независно што правеле дома, соседите секогаш отпадоците ги фрлаат во шахтата. Неколкупати им имаме предочено дека таквото постапување не е начин и оти ќе ни се случи да пливаме во шут и фекалии, но залудно е, веднаш се расправаат и тврдат дека тие не фрлиле ништо и дека виновен е некој друг. При секој дожд на главната улица шахтата исфрла вода како фонтана, улицата е полна со вода до колена, а тоа е резултат на заглавеното фрлено ѓубре, кое токму таму се заглавило и прави опструкции на слободното движење на водата – вели Илија, жител на Бутел 2.
Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ постојано апелираат да се внимава и да се чува канализациската мрежа, но некои од граѓаните таквите апели од надлежните ги игнорираат.

„Биди одговорен, однесувај се совесно“, е новото мото за заштита на канализацискиот систем со кое градското водоводно претпријатие апелира до граѓаните да се однесуваат совесно.

– Одржувањето на системот за одведување урбани отпадни води и третманот на отпадните води е од исклучително значење за заедницата, за санитарната и здравствена заштита, како и за заштита на животната средина од загадување. Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје често се сведоци на затната канализациска мрежа, а причина за тоа е неправилно фрлен отпад од домаќинствата, градежен шут, кабаст отпад и други предмети – информираат од претпријатието.
Оттаму истакнуваат дека канализацискиот систем не е депонија и оти граѓаните мора својот отпад да го фрлаат во местата предвидени за тоа.

– При неодговорно и несовесно фрлање на отпадот во системот за одведување на урбаните отпадни води се нарушува неговата функционалност и најчесто доаѓа до излевање на отпадните води, кои доколку не се пречистени и правилно третирани штетно влијаат врз здравјето на луѓето и врз животната средина – истакнуваат оттаму.
Од претпријатието велат дека граѓаните треба да се однесуваат совесно и правилно да го фрлаат својот отпад.

– Затоа „Биди одговорен, однесувај се совесно“, заштити ги канализацискиот систем, здравјето и животната средина. Граѓаните правилно да го фрлаат отпадот, да го селектираат за да се рециклира и реупотреби. Доколку се далеку од контејнерите за селектиран стаклен отпад, граѓаните можат да го повикаат тимот на „Пакомак“ на 072 26 66 26. Граѓаните треба да го сортираат кабастиот отпад и за неговото отстранување да ги повикаат општинските служби или екипите на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ на 0800 222 33 – истакнуваат од „Водовод и канализација.“


„Биди одговорен, однесувај се совесно“

Рационалната употреба на водата го заштитува не само водоснабдувачкиот систем туку и правото на секој граѓанин за нормално водоснабдување.
Од водоводното претпријатие нагласуваат дека климатските промени влијаат на природата и на природните извори, како што е изворот Рашче.
– Зголемените температури, сушните периоди без дожд и снег придонесуваат за намалување на нивоата на природните извори, а нерационалната употреба и злоупотреба преку диви приклучоци и неконтролираната употреба на водата придонесуваат за исцрпување на изворите и за нарушување на системот за водоснабдување. Наша должност е да одлучиме да бидеме одговорни и да се однесуваме совесно во насока на рационална и разумна употреба на водата, за да има за сите, денес, утре и во иднина – велат од претпријатието.

[email protected]