Како се разладуваат животните во Зоолошката градина?

299
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Лемурите, макаките, павијаните и патасите во скопската зоолошка добиваат смрзнати овошни сладоледи со аронија, киви, банана, јаболко, круша и суво грозје како десерт за разладување. Зоолошката во Скопје, каде што има многу новости, постои уште од 1926 година

Покрај високите температурите и зголемените цени за влез, многумина од граѓаните не се колебаат да ја посетат скопската зоолошка градина. На топлото време не бараат разладување само луѓето туку и животните од градината. За да се разладат, чуварите им даваат специјални сладоледи. Поради жештините летово повеќето животни имаат намален апетит и внесуваат помалку храна отколку во зима.

Зоолошката градина им го привлекува вниманието на посетителите со новите животни што ги носи во изминатиов период. Посетеноста ги тера вработените многу повеќе да размислуваат и да организираат разни настани. На пример, во саботите, во соработка со граѓаните, се организира акција за правење сладоледи за животните. Во овие летни услови и животните имаат посебен режим на исхрана, а грижа на вработените е тие да бидат навреме нахранети, а некои и соодветно климатизирани. Тоа ги прави животните задоволни и подружељубиви со посетителите.
Зоолошката има многу новитети.

– Новото морско лавче Гете, има една и пол година и моментално се приспособува на новото живеалиште. Полека се запознаваат со Кан и наскоро заедно ќе живеат во големиот базен. Во зоолошката има и нови ему птици – Теди, Вили, Бланка и Ким, кои сѐ уште се бебиња. Покрај нив, нови жители се и зебрите Јанош и Јашари, ноевите, кои беа земени од многу лоши услови во зоопаркот во Штип. Во живеалиштето на кенгурите, нови жители се и егзотичните птици жерали, а имаме и два вида виетнамски мини-прасиња. Во моментов започна и изградба на новото живеалиште за фламинга и пингвини, кое ќе биде можеби и најатрактивната градба во зоолошката во Скопје – вели Тина Мицковска, портпаролка на управата на Зоолошката градина во Скопје.
Новина што периодов ѝ го привлекуваше вниманието на јавноста е враќањето на шимпанзото Коко, кое беше пратено неколку години на рехабилитација поради депресија. Коко се врати во скопската зоолошка со уште три пријатели, но, за жал, нема да можат да се видат до август.

– Коко, Хиасл, Мими и Роси, шимпанзата што пристигнаа од Холандија до средината на август ќе бидат во карантин – вели Мицковска.
Од зоолошката информираат дека животните се хранат по посебни калорични таблици. Во текот на летото предвидуваат хранење повеќе со сезонско овошје и зеленчук, додека пак месојадните јадат подзамрзната јунешка кртина и пилешко.
– Морските лавови се разладуваат со замрзната риба, но во летниот период количеството риба им се намалува. За слоновите се прават специјални сладоледи со трици и банани, а најмногу обожаваат да се капат во езерцето и под тушевите во нивното живеалиште. Повеќето мајмуни како лемурите, макаките, павијаните и патасите, пак, добиваат смрзнати овошни сладоледи со аронија, киви, банана, јаболко, круша и суво грозје како десерт за разладување. Нилскиот коњ Буцо ужива да јаде разладени лубеници, а кенгурите најмногу ги сакаат последните часови пред зајдисонце кога се најактивни и уживаат да трчаат низ живеалиштето – вели портпаролката на Зоолошката градина, Тина Мицковска.

Тина вели дека во секое живеалиште се внимава да има постојано свежа вода, како и простор за разладување. Поголемиот дел од живеалиштата еднаш дневно се полева и со црево, а некои од животните уживаат во таа игра со нивните зоонегуватели. За оние животни што не може да го поднесат жешкото време, има внатрешни делови што се студени и со температура приспособена за нив. Од таа причина минатата година Зоолошката градина, во соработка со фирмата „Вивакс“, постави клима-уреди во пет живеалишта на мајмуните. Исто така кај повеќето живеалишта, вратите помеѓу внатрешниот и надворешниот дел се отворени, во случај животните да сакаат да се преместат внатре или надвор во зависност од температурата.

Зоолошката градина постои уште од 1926 година. Тоа значи дека таа продолжува да им го привлекува вниманието на посетителите веќе 93 години. Со подновувањата на егзотичните животни и градењето нови и интересни живеалишта, сѐ повеќе се привлекува вниманието на посетителите.


Најстарите зоолошки градини во светот

Невозможно е да се знае колку точно зоолошки градини постојат во светот. Според Светската асоцијација на зоолошки и аквариуми (ВАЗА), има околу 300 члена, но вистинскиот број на зоолошки градини во светот е најмалку 15 до 20 пати поголем. Малку е полесно да се утврдат најстарите зоолошки градини.

„Тиергарден Шенбрун“ во Виена
„Менаџери де жардин де плант“ во Париз
„ЗСЛ Лондон“
„Зоолошката градина Даблин“

Најстара зоолошката градина во светот е „Тиергарден Шенбрун“ во Виена, Австрија. Таа била изградена од Адријан ван Стеховен во 1752 година по наредба на светиот римски император Францис Први, сопруг на Марија Тереза од Австрија, за да служи како империјална менажерија како дел од палатата „Шенбрун“. Не само што е најстарата зоолошка градина, истражувањата од година на година покажуваат дека е една од најдобрите низ целиот свет.

Втората најстара зоолошката градина е „Менаџери де жардин де плант“, која била отворена во 1794 година во Париз, Франција. Интересен настан од почетокот во 1795 година бил кога француската војска ја окупирала Холандија и зела два слона од менажеријата во 1798 година. Денес зоолошката градина поседува околу 1.200 животни, нема многу големи животни како што се слоновите, но поседува многу ретки помали и средни цицачи и разни птици и влечуги.

Третата најстара зоолошката градина е „ЗСЛ Лондон“ во Велика Британија, која била отворена на 27 април 1828 година. Како прва научна зоолошка градина, „ЗСЛ Лондон“ исто така ја има отворено првата рептилна куќа во 1849 г., првиот јавен аквариум во 1853 г., првата куќа за инсекти во 1881 и првата детска зоолошка градина во 1938 година. Денес, лондонската зоолошка градина има повеќе пространа локација и има поголеми животни, како што се слоновите и носорозите.

Четвртата најстара зоолошка градина била отворена три години по зоолошката градина во Лондон, поточно во 1831 година. Станува збор за таа во Даблин, Ирска. Кралското зоолошко друштво во Даблин било основано на состанокот на 10 мај 1830 година, а подоцна била оформена и „Зоолошката градина Даблин“, која била отворена на 1 септември 1831 година. Првите животни во зоолошката биле донација од зоолошката градина од Лондон.