Како и колку се користат билетите на ЈСП

628
Со картичката „скопска“ најчесто се користи билетот за десет возења - Фото: Дарко Андоновски

Многу корисници на јавниот градски превоз не знаат дека, освен плаќањето на единечниот билет од 35 денари, со истите неперсонализирани картички „скопска“ преку електронскиот паричник на картичката можат да плаќаат и многу други видови билети, како дневни, привремени, комбинирани…

Голем дел скопјани ги вознемири најавената цена од 50 денари за единечниот или т.н. билет за едно возење, кој од 1 ноември ќе може да се купи кај возачите на автобусите во јавниот градски превоз. Но тоа не значи дека поскапуваат билетите. Единечниот билет е наменет за оние што немаат картички, кои само повремено се возат со автобусите на јавниот градски превоз, за оние што одвреме-навреме доаѓаат од другите градови, како и за туристите.

Многу корисници на јавниот градски превоз не знаат дека, освен плаќањето билет од 35 денари, кој и натаму има иста цена, со истите неперсонализирани картички „скопска“ преку електронскиот паричник можат да плаќаат и многу други видови билети, дневни, привремени, комбинирани. За типот на билетите и цените може да се информираат на веб-страницата на Јавното сообраќајно претпријатие – www.jsp.com.mk.

Сите други видови картички „скопска“ со фотографија на имателите, се персонализирани картички и тие имаат исто така различни цени, во зависност од тоа дали се месечни за вработени или доплатни месечни или годишни за возрасни граѓани над 62 и 64-годишна возраст, кои се возат бесплатно во вторник, петок, сабота и недела. Плаќањето на другите видови билети преку неперсонализираната картичка „скопска“ оди едноставно доколку на самата картичка се уплатат доволно пари, на истите места каде што се врши дополнувањето на електронските картички, било тоа да се некои од локалните маркети или билетарници на ЈСП. Максималната сума што може да ја има некој на својата картичка е 6.000 денари. Но некои од граѓаните не внесуваат доволно пари, а има и такви што имаат недоверба во системот. Зошто другите видови на билети преку картичката „скопска“ помалку се користат не можеа да кажат ниту од ЈСП „Скопје“.

– Навистина не сум знаела дека има привремен билет за 90 минути за повеќе возења и дека чини само 60 денари. Ниту, пак, знаев дека и овој билет може да се плати преку електронската картичка „скопска“ на самиот валидатор -вели скопјанка што редовно користи градски превоз.
Привремениот билет за 90 минути се плаќа со притискање на бројот еден на левото копче на валидаторот со доближување до екранот, по што се добива порака за преостанатото време. Дневниот билет, пак, се регистрира со притискање на копчето број 2 десно од валидаторот, каде што со доближување на картичката се добиваат порака и потврда за валидацијата.

Постои и т.н. дневен билет, кој исто така се плаќа на валидатор преку електронскиот паричник на самата картичка „скопска“ и чини 120 денари за градските линии или 150 денари доколку се користи на сите линии. За оние што цела недела трчаат по автобуси постои и седумдневен билет за автобус за повеќе возења и плус еден билет за жичницата и лифтот на Милениумскиот крст во два правци. Ако билетот е за градски линии, чини 500 денари, за сите линии треба да се издвојат 600 денари.
– Не би можеле со сигурност да тврдиме зошто е мала бројката на продадени дневни, привремени, комбинирани билети. Дали тоа се должи на неинформираноста на корисниците на јавниот превоз или едноставно поповолни и пофункционални им се други видови билети, не сме во ситуација да коментираме или донесуваме заклучоци. Инаку, податоците за продадени видови билети покажуваат дека горенаведените очигледно не се популарни. Податоците се јавно достапни на веб-страницата во извештајот на работењето на ЈСП Скопје јануари-јуни 2019 година – објаснуваат од ЈСП „Скопје“.

Од извештајот, пак, се гледа дека најпродавани се билетите за десет возења. Од ЈСП не можеа да кажат дали нивните патници знаат да ги користат преостанатите видови билети или не, но посочија дека начинот на користење на преостанатите видови билети е појаснет на самиот валидатор, како и на плакатите залепени во секое возило. Изразија жалење за тоа дека има доста одлепени, што е одраз на културата на патниците.

Откако почна плаќањето со електронските картички „скопска“, се чини дека редовните патници најмногу ги користат билетите за десет возења, а во последно време, бидејќи сѐ уште го нема билетот за едно возење, стана популарно плаќањето со мобилен телефон. Скопјани веќе добро знаат дека по првата валидација на билетот за десет возења, односно по допирот на картичката до валидаторот, овој билет им важи само петнаесет дена од денот на првото валидирање, што не беше случај со хартиената картичка. Тоа значи доколку на овој билет не се искористат сите десет возења, по петнаесеттиот ден колку и да останале неискористени тие нема повеќе да важат. Бидејќи однапред потрошиле пари, граѓаните повеќе би сакале билетот со десет возења да нема временско ограничување. За градските линии тој чини 250 денари, а ако се користи за сите линии, градски и приградски, тогаш тој изнесува 300 денари.


Плаќањето со мобилен сѐ попопуларно

Патниците што првпат плаќаат со мобилен телефон од кој било мобилен оператор најпрвин мора да ја активираат бесплатната услуга плаќање со мобилен телефон, со испраќање порака „старт“ на телефонскиот број 14 11 14, а веднаш потоа, штом ќе добијат порака со содржина „вашиот број беше регистриран за плаќање билети за возење во автобусите на ЈСП“, потребно е да се заврти бројот 185 и да се доближи телефонскиот апарат до валидаторот. Веднаш потоа повратно ќе добијат порака дека успешно е платен билетот во износ од 40 денари, колку што чини единечен билет за едно возење. Доколку со телефонот се плаќа ноќен билет, кој се смета за таков по 24 часот, тогаш цената изнесува 50 денари, колку што ќе чини единечниот билет што ќе се користи од 1 ноември. Ако, пак, со картичката „скопска“ се плаќа единечен ноќен билет преку електронскиот паричник, тогаш билетот што има дневна цена од 35 денари, во ноќните часови ќе чини 40 денари.