Како Водно од шума стана џунгла

1431
Фото: Игор Бансколиев

Белите дробови на Скопје се под градежна опсада – гасовод, згради и разни објекти ја узурпираат скопската планина, а тоа сепак не било така отсекогаш. Скопски хроничари, екологисти и познавачи на состојбите од оваа област се огласија за промените што ѝ се случуваат на планината и ги потсетуваат надлежните за штетата што би се предизвикала доколку несовесно се продолжи со атаката врз Водно. Од друга страна, планината е единствениот извор на кислород кога загадениот воздух зиме е фатален по здравјето на граѓаните на главниот град. Скопје е еден од ретките градови што во својата близина има планина. Но можеби токму поради близината многумина се осмелија и си дадоа право да урбанизираат дел по дел од неа, стигнувајќи до срцето на Водно

Планината Водно, белите дробови на главниот град, e единственото најблиско место на кое за викенд скопјани можат да побегнат од урбаниот хаос во преубавата природа, да се рекреираат и да подишат чист воздух. Водно е и единствениот голем и природен прочистувач на скопскиот загаден воздух, кој во зима го имаме во изобилство. А Скопје е еден од ретките градови што ја има таа привилегија да има планина толку блиску до урбаното живеење. Но последнава деценија, на Водно сериозно му се заканува една силна градежна офанзива, која полека полека му одзема дел по дел од драгоцената природа. Багерите, камионите и другите градежни машини од година на година се качуваат сè погоре и погоре, а резултатот од нивното присуство и работа се новоникнатите куќи и цели станбени згради, кои влегоа во срцето на планината. Поместувањето на градежната линија во височина нагоре полека, но сигурно ѝ направи огромна штета на планината. А за тоа како со годините се искачувала градежната линија никој не сака да ни одговори, ниту општината Центар ниту пак од градот. Од Водно грабал кој како може само да го вклопи својот објект во некој од општинските ДУП-ови, а сега багерите повторно заринаа за ископување на трасата за гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар. По низа реакции од мноштво граѓански асоцијации, багерите запреа и се чека кој ќе биде следниот чекор.

Фото: Игор Бансколиев

Познатиот скопски хроничар, Данило Коцевски, се согласува со констатацијата дека ситуацијата на Водно не се движи во вистинска насока и потсетува дека планината не е само споменик на природата, туку е и споменик на историјата на Скопје.
– Водно во себе крие траги од многу далечната историја на градот Скопје, со траги од многу култури и на себе носи многу значајни градби, кои тука постоеле со векови. Ние не смееме да го ставаме под прашање Водно, бидејќи ниту нашите генерации и ниту кои било други не смеат од Водно да прават бетон. Водно никогаш не било и не смее да биде бетон – дециден е Коцевски.
Тој исто така потсетува дека планината некогаш била пошумувана од страна на граѓаните и денес полека се заборава на тоа.
– Денес кога се оди нагоре кон планината, исто како да се минува во централното градско подрачје, на Водно се гради и направени се многу лоши архитектонски и урбанистички решенија – дообјаснува Коцевски.
Некогаш голата планина денес има огромен биодиверзитет, со најразлични видови растенија и животни, па градежните зафати од кој било вид предизвикуваат уништување на уникатната природа. И кога речиси се подзаборави на исечените дрвја за изградба на жичницата, повторно забрчеа градежните машини за изградба на гасоводот. Граѓаните не премолчеа и својот револт за уништување на Водно го изразија со бурни реакции.

Фото: Игор Бансколиев
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Речиси една деценија се прави невидена атака на планината. Се сечат дрвја, се градат згради и тоа силно влијае врз природата на Водно. Атаката на планината влијаеше и врз скопјани, кои веќе извесно време се обидуваат да го заштитат. Голем број експерти сметаат дека градењето повеќекатни објекти сериозно ја оптовари инфраструктурната мрежа на подножјето на планината, а тоа во иднина може да предизвика свлекување на земјиштето и ниту потпорни ѕидови нема да може да ги спасат овие објекти.
Повеќе од три месеци, граѓанските здруженија и иницијативи се во борба со градителите и со надлежните институции за гасоводот, но сите поплаки и аргументи против изградбата на оваа траса не се уважени. Повеќето од здруженијата, меѓу кои „Го сакам Водно“, апелираа до властите за стопирање, а потоа и за пренасочување на трасата на гасоводот, за таа да не минува низ парк-шумата Водно. Причината се негативните последици што ќе ги предизвикаат ископувањата и ставот на граѓаните дека не смее да се гради по цена на природата и здравјето на луѓето, како и благосостојбата на главниот град, да се вршат градежни активности во срцето на планината.

Проектот за изградбата на гасоводот, во реализација на АД „Македонски енергетски ресурси“ или МЕР е одобрен уште во 2016 година. Пред неколку месеци, од МЕР изјавија дека овој инфраструктурен објект нема да ѝ штети на природата и ветија дека по неговата изградба земјиштето на целата траса ќе се врати во првобитната состојба. Од друга страна, повеќето здруженија и граѓански иницијативи аргументираа и тврдеа дека по поставувањето на оваа гасоводна траса, невозможно ќе биде она што е уништено да се врати во првобитната позиција. Изградбата на гасоводот, освен поставување цевки, вклучува и движење тешка механизација низ планинскиот предел, секојдневно минување на голем број возила и камиони, како и изградба на пристапни патишта, градба на привремени градби за работниците, а како резултат се создаваат и градежен отпад и депонии. Тогаш, против изградбата на гасоводната маршрута, беше аргументирано дека на 25 метри од цевките не е дозволено да има шума поради опасност од пожари, пристапност за одржување и оштетување од корења, па затоа сметаа дека е невозможно да се врати шумата во првобитната состојба по комплетирањето на изградбата.
Ставот на Владата на Република Македонија по граѓанските реакции беше дека ќе ги интензивираат консултациите со граѓанскиот сектор во врска со активностите за изградбата на гасоводот и како да се заштити Водно. Како аргумент за изградбата на гасоводот, од Владата велат дека тој е еколошки проект, кој има цел да го намали загадувањето на воздухот во главниот град, како и дека изградбата на гасоводот е во насока да се заштити животната средина и да се постигне поголем економски просперитет.

– Низа мерки се дефинирани и ќе бидат преземени во консултација со граѓанските организации, со единствена цел теренот да биде вратен блиску до првобитна состојба. Постојат примери што треба да ја намалат загриженоста, постојат други делници каде што имало слични зафати и таму зеленилото е обновено и нема видливи траги. На Водно има постојни коридори, како жичница и далноводи, кои немаат направено посериозно загрозување на животната средина. Водно изминативе години имаше и радикални зафати, кои оставија трајно оштетување врз парк-шумата, оштетувања што се видливи за секој граѓанин, но ова не е и нема да биде зафат од тој тип. Зафатите за трасата за гасоводот нема да предизвикаат видливи и сериозни оштетувања. Во најголемиот дел трасата опфаќа нискостеблести растенија, но ќе се обезбеди сериозен фонд за пошумување – средства за чија распределба очекуваме поддршка од граѓанските организации – ни изјави Миле Бошњаковски, портпаролот на Владата.
Она што остава впечаток кога ќе се фрли око на планината е дека полека станува урбана џунгла. Падините на Водно полека се претвораат во урбани населби, со голем број висококатници, шумите стануваат паркинзи и природата е нападната од повеќе страни. Ако се навлезе во суштината на проблемот и се повикаме на планските документи за градот Скопје, може да се забележат неколку важни работи. Имено, генералниот урбанистички план на градот Скопје е план од повисоко ниво и неговите промени и менувања влијаат при одредувањето на зоните во кои би било дозволено да се гради. Но во ГУП-от се вградени одредби и параметри, произлезени од законската регулатива, стандардите и нормативите за урбанистичко планирање, давајќи недвосмислени насоки на изработувачите на плановите од пониско ниво (ДУП-ови), како и локалната самоуправа, која го управува земјиштето, што треба да биде испланирано и предвидено со тие планови (ДУП-ови) за конкретниот простор. ГУП-от е стратегиски документ во форма на подзаконски акт, кој е ригиден кон поединци со криминална умисла, кои сакаат да ги злоупотребат просторот и регулативата, но е и флексибилен кон креативно насочените креатори на просторот. Преку ГУП-от се определуваат зоните и нивните намени, а градежните парцели за кои понатаму се даваат дозволи за градење ги донесуваат општините.

Изградбата на гасоводот е позитивна промена и можност за подобрување на еколошките услови во градот, но предвидената маршрута може да предизвика повеќе проблеми отколку корист, пред сè за природата, а потоа и за градот Скопје. Исто така, урбанизацијата на планината и изградбата на многубројни објекти може да предизвика сериозни штети и свлечишта. Можеби денес или утре нема да се почувствуваат последиците од сите овие промени, кои му се случуваат на Водно, но на долгорочен план планината се уништува и ако се продолжи со ова темпо, зеленилото многу брзо ќе исчезне.
С.Р.