Какви маски се најефикасни за заштита од загадувањето на воздухот

1679
Експертите велат дека треба да се внимава при изборот на маската, Фото: Маја Јаневска-Илиева

Штом ќе се регистрираат алармантни податоци за енормните количества на ПМ честичките што се присутни во воздухот, граѓаните итаат да купат заштитни маски. Во намерата да се заштитат од влијанието на ПМ честичките се случува да изберат маски што не се соодветни. Носењето хируршки маски не може да заштити од ваквиот вид загадување. Со одбирањето несоодветна маска граѓаните прават погрешен чекор и, наместо да го заштитат своето здравје, го доведуваат во поголем ризик. Според тоа, оние што се одлучуваат за користење маска како превентивна мерка од загадувањето на воздухот треба да знаат каква да изберат. Експертите велат дека треба да се внимава при изборот на маската затоа што не сите маски штитат од ПМ честички, но и начинот на употреба на маската влијае на заштитата од честичките. На пример, хируршките или маските без филтер не заштитуваат од ПМ честичките. Постојат повеќе видови заштитни маски со различни ознаки. На пример, маските со ознаката N95 заштитуваат 95 проценти од честичките во воздухот, N99 заштитуваат 99 проценти од честичките, додека N100 штитат 99,97 проценти од честичките во воздухот. Сите овие маски штитат од честички, но важно е да се напомене дека не ги елиминираат мирисите од издувните гасови.

Озлогласените ПМ честички се штетни по човековото здравје затоа што се толку ситни што можат да влезат во дишните патишта и да продрат во крвните садови. ПМ 2,5 честичките се поштетни, затоа што се многу помали од ПМ 10 честичките. Тие се со големина од 2,5 микрометри или, за споредба, се 100 пати потенки од човечкото влакно. Медицинските лица велат дека, освен што можат да предизвикаат оштетувања на дишните патишта, нивните ефекти можат да предизвикаат затнување на крвните садови. Исто така ПМ честичките имаат канцерогено дејство и претставуваат ризик-фактор за појава на рак на белите дробови.

– Големата изложеност на ПМ 10 честичките за 7 микрометри на кубен метар во текот на пет години резултира со рапиден пад на белодробната функција и висок ризик за развој на хронична опструктивна белодробна болест. Јасно е дека загадувањето на воздухот ја влошува нормалната функција на белите дробови кај децата и истовремено го забрзува природниот пад на белодробната функција кај возрасните. Загадувањето на воздухот е доведено и во корелација со почестиот степен на респираторни инфекции, хронична кашлица, бронхитис, пневмонија и грип. Исто така, според повеќе студии, се докажува дека зголемено загадување на воздухот е предизвикувач на белодробниот карцином – вели докторката пулмоалерголог Сава Пејковска.

По тоа што може да се понуди на пазарот, се забележуваат различни видови маски – со менливи филтри, со еден или два филтри, за еднократна употреба, за повеќекратна употреба. Нивната цена варира, од 200 до 899 денари. Според Институтот за јавно здравје, маската треба да се употребува соодветно, но потребно е и да се избере соодветна маска. Маската мора да се одбере да му одговара на оној што ќе ја користи, да биде со соодветна големина според големината на неговото лице, но и да е добро прицврстена на неговото лице, при што не би овозможила влез на загадениот воздух. Во спротивно, маската станува бескорисна.

– При изборот на маската важно е да се избираат маски што ќе бидат со точна големина според формата и големината на лицето. Иако има различни видови маски, главен фактор што овозможува добра заштита од загадениот воздух претставува маската да е припиена на лицето. Потребно е да нема празнини низ кои со инхалација може да поминат ПМ честичките. Исто така овој вид маски се за привремено користење, како на пример стигнување од едно на друго место, а не за подолготрајни активности и спортски активности, кога има енормно загадување на воздухот – вели доктор Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје.

Според надлежните од Министерство за животна средина, граѓаните треба да користат заштитни маски доколку постои загадување два последователни дена со среднодневни концентрации над 100 микрограми на кубен метар за ПМ 10 честичките. Според индексот на квалитет на воздухот, на нивната страница е евидентно дека 100 микрограми на кубен метар претставува високо ниво концентрација. Истовремено, европските регулативи за ПМ 10 честичките наложуваат дозволена максимална граница на концентрација од 50 микрограми на кубен метар.