И производителите се чуделе како уште работат нашите мерни станици за амбиентален воздух

1748
Мониторинг-системот е стар 16 години и треба да се замени со нов Фото: Игор Бансколиев

Додека само гласно се зборува и многу малку се дејствува за намалување на загадувањето на воздухот, реалната слика е домаќинства што користат јаглен за загревање, угостители чии скари не можат да се распалат без јаглен и недогледни колони од автомобили, кои се главно превозно средства. Колку и да се апелира на јавниот транспорт, реално тој е исто така стар, а новите автобуси се расипаа и не може да се поправат. Тука се и палењето отпад, дивите депонии, градежните активности. И како да не е доволно сето тоа, па периодов, кога концентрациите на загадувачките честички неколкупати ги надминуваат дозволените вредности, во градов се организираат и автомобилски трки. Што сѐ можат да вдишат граѓаните, може само да се претпостави. За жал, некои од мерните станици на амбиентален воздух во градов не можат да го измерат загадувањето, бидејќи сѐ уште се сервисираат. Реалната состојба е дека поради староста на станиците и напредокот на технологијата речиси е невозможно да се најдат делови за нивна поправка. Во градов има 17 мерни станици за квалитетот на воздухот и една мобилна станица.

Загадувањето на воздухот е наш проблем број еден. Апликациите како „Мој воздух“ и достапноста на информациите за воздухот им овозможија на граѓаните да станат посвесни за проблемот со загадувањето, па, оттаму, и зголемениот број граѓански иницијативи и притисок врз надлежните за наоѓање решенија и справување со загадениот воздух.

Последните изјави на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули дека со малку пари и многу волја може да се реши проблемот со загадувањето, не се во согласност со реалните состојби, бидејќи за нови мерни станици се потребни пари. Според Светлана Ѓеорѓиева од Државниот автоматски систем за мониторинг на квалитетот на воздухот се потребни многу пари и многу волја, како и набавување нови станици.

– Знаеме дека некои од станиците не работат, но и тие што работат треба да се сменат. Станиците треба да се менуваат по десетина години, потребно е менување на системот со нови станици. За нашите станици нема ниту делови, бидејќи системот е стар 16 години. Самите производители се чудат како нашите станици сѐ уште работат – кажа Ѓеорѓиева на конференцијата „Како до почист воздух во градовите“.

Според неа, потребно е поголемо вложување и издвојување ресурси во оваа област за да може да се спроведат уште работи што се предвидува да се имплементираат.
– Сите активности плански се реализирани, потребна е само уште нивна имплементација – додаде Ѓеорѓиева.

Според анализите што ги има направено Министерството за животна средина и просторно планирање во 2017 година, дозволениот број за надминување на загаденоста на воздухот е 35 дена, кај нас има 185 дена во годината надминување на загадувањето со ПМ10 честички.

Оттаму и реакциите на сѐ повеќебројните граѓански организации дека за ваков сериозен проблем, како што е загадувањето на воздухот и веќе загрозеното здравје на граѓаните, потребни се и сериозни буџетски пари, но и активности на дело. Засега граѓаните велат дека спас наоѓаат во ветрот и дождот. Но Скопје се наоѓа во котлина и тој воздух потешко струи, особено по градежната експанзија од објекти.