И покрај казните, возачите се паркираат кај ќе стигнат

464
Во Центар за шест месеци отстранети 3.688 непрописно паркирани возила

Според податоците од „Паркинзи на општината Центар“, оваа година во просек се креваат по 20 непрописно паркирани возила на ден, повеќе од ланскиот дневен просек, што значи недисциплината на возачите се зголемила и покрај секојдневните контроли и акции. За половина година пајаците имаат кренато 3.688 возила, а во 2018 година околу 7.000

Тротоарите и патеките се пешачки простор наменет за граѓаните, кој често им е одземен затоа што на него има паркирани автомобили. Непрописно паркираните возачи не само што ги спречуваат граѓаните слободно да се движат туку и ги доведуваат во опасност, затоа што, наместо по тротоар, пешаците мораат да се движат по коловозните ленти од сообраќајниците. И покрај зачестените проверки и контроли од страна на полицијата и пајак-службата, никако да се намали бројот на оние што паркираат каде ќе им текне.

Во една таква акција, која беше реализирана минатиот месец, за само две недели ЈП „Паркинзи на општината Центар“, во соработка со сообраќајната полиција се обиде да ги расчисти нелегално паркираните автомобили, одземајќи 144 возила што го попречуваа нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот. Со поставување „блокатори“ се санкционирани 242 возила што биле затекнати во резидентни зони а не биле корисници-резиденти на секторот во кој биле паркирани. Но, и покрај овие акции, возачите тешко се дисциплинираат и повторно паркираат на простори на кои не треба.

Од „Паркинзи на општината Центар“ велат дека секојдневно се подигаат возила на територијата на централното градско подрачје. За половина година имаат отстрането 3.688 возила.

– Во 2018 година пајак-службата на ЈП „Паркинзи на општината Центар“ има отстрането или преместено околу 7.000 непрописно паркирани возила на територијата на општината Центар. Во 2019 година, заклучно со јуни, бројот на непрописно паркирани возила изнесува 3.688 – велат од ПОЦ.

Овие податоци укажуваат дека во 2018 година во просек на ден биле одземани по 19 возила, додека, пак, годинава по 20 возила на ден. Во викендите оваа бројка е помала и се одземаат 10-15 возила, додаваат од таму. Пајаците работат во сабота само до 16 часот.

Од јавното претпријатие коментираат дека граѓаните никако не сакаат да научат да не ги паркираат возилата таму каде што не треба. Тие сметаат дека лошите навики на возачите и недоволниот број паркинг-места се главна причина за сообраќајниот метеж и непрописното паркирање во градот.

– ЈП „Паркинзи на општината Центар“ континуирано работи на решавање на овој проблем преку проекти, кампањи и едукација, кои на долг рок би придонеле да се изгради свесност за одговорно учество во сообраќајот, за да се издигне сообраќајната култура на повисоко ниво и да се укаже на важноста и потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи – велат од ПОЦ.

Во согласност со ценовникот на услугите за отстранување и преместување на непрописно запрени или паркирани возила, казната изнесува 2.500 денари, додека за отстранување од зелена површина чини 3.500 денари. За преместување од паркинг-место наменето за лица со посебни потреби возачите се казнуваат со парична казна од 6.000 денари. Возачите мора да ги почитуваат правилата, а секако и Законот за безбедност на сообраќајот и патиштата. Овој закон вели дека возачот не смее да го запре или паркира возилото на место што би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите. Во спротивно, се предвидува казна од 45 евра во денарска противвредност, со можност за регистрирање 25 негативни поени.

И покрај големиот број казни, ситуацијата со сообраќајната култура останува непроменета. Сообраќајната свест на учесниците во сообраќајот сѐ уште е на ниско ниво, а несовесните возачи продолжуваат со недисциплинираноста и паркираат таму каде што ќе стигнат, и покрај фактот дека некогаш може да предизвикаат опасност за другите.


За само една недела пајакот собра 147 возила

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и општината Центар, во соработка со сообраќајната полиција во Скопје, во текот на минатата недела санкционираа 292 непрописно паркирани возила, кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
– Во периодот од 1 до 8 јули 2019 година, со пајак на ЈП ПОЦ се отстранети 147 непрописно паркирани возила, од кои две несовесно паркирани возила на паркинг-места наменети за лица со посебни потреби, а со поставување блокатор се санкционирани 145 возила што биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници-резиденти на секторот во кој биле паркирани – информираат од ПОЦ.