И животните во Зоолошката летово се разладуваат со овошен сладолед

167

На овие високи летни температури не бараат разладување само луѓето туку и животните од скопската Зоолошка градина. Поради жештините летово повеќето животни имаат намален апетит и внесуваат помалку храна отколку во зима. Вработените од Зоолошката градина, за да им го олеснат престојот на своите станари, кои се најпогодени од топлото време, им прават сладоледи за освежување.

На пример, на шест вида мајмуни им се прават освежителни сладоледи со овошје, на кои животните особено се радуваат. Неодамна за разладување на животните и создавање подобри услови за престој на своите жители, Зоолошката градина во соработка со фирмата „Вивакс“ постави клими во пет живеалишта на мајмуните, потоа во внатрешниот дел на живеалиштето на жирафите, кај слоновите и во ветеринарната амбуланта. Летово климите ќе ги разладуваат, додека, пак, зимно време ќе ги загреваат нивните живеалишта. Секако, благопријатните температури ги прават порасположени и животните за дружба со своите посетители. Зоолошката поседува 495 животни, со 96 вида цицачи, птици и влечуги, а сите тие бараат посебни услови и температура во своите живеалишта.

Со носењето на егзотичните животни, како нилскиот коњ, крокодилот, жирафата и слонот, сѐ повеќе се привлекува вниманието на посетителите. Требаше да пристигнат и две слоници, но, за жал, поради екстремно високите температури низ Европа, нивното доаѓање се одложи и најверојатно може да се очекува во септември. Викендов скопската зоолошка ќе им овозможи повторно на дечињата да се дружат со пони-коњчето Голди. – Доаѓањето на слоновите е одложено поради екстремно високите температури низ Европа и ризично е да се транспортираат на топло време. Веднаш штом ќе се подобрат временските услови, ќе пристигнат во Скопје.

Заедно со нив ќе пристигне и стручен тим, кој ќе работи со нашите зоо-негуватели, кои моментално се на обука во Белгија – вели Тина Мицковска, одговорна за односи со јавноста од Зоолошката градина – Скопје. Оттаму очекуваат пристигнување на нови егзотични животни, односно од Виена треба да пристигнат десет нови станари, пингвини од видот „блек фут“. Станува збор за африкански пингвини, кои лесно може да се приспособат на нашата клима. За нив веќе се одредени живеалишта во кои има предвидено надворешен и внатрешен дел, обезбеден за сите временски услови. Покрај нив, пристигнуваат и фламинга, за кои ќе се гради ново живеалиште, како и егзотични папагали во австралискиот дел на зоолошката, која полека но сигурно повторно станува актуелен избор на помладата и постарата популација.

Педагозите велат дека дел од бенефициите при поседувањето на Зоолошката градина за помладата популација претставуваат едукативните тури. На нив децата го подобруваат развојот на говорот, затоа што се изложени на нови информации, зборови и концепти, кои подоцна отвораат дијалог помеѓу нив и родителите. Шетајќи, децата поставуваат прашања и осознаваат дополнителни информации. На таков начин се пројавуваат љубопитност кај нив и желба за самооткривање. Дополнителна бенефиција исто така претставува и зајакнувањето на семејната врска помеѓу родителите и децата. За возрасната популација посетувањето на Зоолошката градина може да претставува олеснување од стрес од секојдневниот живот и квалитетно поминато време со блиските. Поединечен билет за посета на Зоолошката градина чини околу 50 денари, а за деца до три години влезот е бесплатен.

Фото: Горан Анастасовски