Искривени бандери и виснати кабли зад Млечен

123

Со искривени бандери и виснати кабли живеат граѓаните во скопската населба Тафталиџе. Ситуацијата што ја начекавме кај уличките Анкарска, Римска, Наум Евро, Дрезденска и Атинска не ѝ прилега на една современа градска населба. Во почетокот на jуни Скопје го зафати невреме, во кое имаше триесетина паднати дрвја и бандери. Од таа причина одговорните ги санираа штетите и најавија дека ќе ги зголемат проверките на бандерите, но во овој случај не станува збор за проблем настанат од природна непогода туку од човечки фактор.

Ги прашавме жителите за ситуацијата, а тие одговорија дека таа отсекогаш била таква. Пред некое време им било навестено дека се спроведува акција со која каблите од операторите се ставаат подземно. Колку време ќе трае тој потег не се знае. Веројатно дотогаш кривите бандери и виснатите кабли ќе им бидат секојдневие на жителите од Тафталиџе. Несоодветните бандери и виснатите кабли, освен што предизвикуваат проблеми во сообраќајот, се надеваме дека нема да бидат и опасност по животот на граѓаните.