Инспекторите во Аеродром ќе дежураат и за викенди

61

Инспекциската служба на општината Аеродром работи со продолжено работно време, и тоа до 22 часот секој работен ден. Од оваа скопска општина велат дека инспекторите работат во две смени и вршат секојдневни контроли на целата територија на општината од областа на животната средина, загадувањето на воздухот, несовесното фрлање шут и отпад и други нерегуларности. Службите се дежурни и за викенди, а граѓаните своите забелешки можат да ги пријават на дежурниот телефонски број 075/316-515.

– Во текот на ноември инспекторите изрекле 19 парични казни во висина од 50 евра во денарска противвредност за фрлање ѓубре на јавна површина, како и за изложување земјоделски производи на јавна површина. Исто така, имаше и три интервенции за палење оган на јавна површина, од кои една во Долно Лисиче и две на улицата Гаврил Константиновиќ во населбата Лисиче. За палење оган се изречени и повеќе од 15 опомени – соопштуваат од општината Аеродром.

Инспекциските служби во текот на месецов извршиле и мерење на бучавата на две локации, од кои на едно место е изречена и парична казна за надминување на дозволената граница на бучава. Овој месец биле контролирани сите градилишта на територијата на општината и им биле изречени опомени да не ги напуштаат градилиштата со валкани тркала.