Инвертери за почист воздух во Скопје

Градот веќе две години доделува субвенции за набавка на еколошки инвертер клима-уреди - Фото: Маја Јаневска-Илиева

ГОЛЕМ ИНТЕРЕС ЗА ПОВИКОТ НА ГРАДСКИТЕ ВЛАСТИ

Градот веќе две години доделува субвенции за граѓаните за набавка на еколошки инвертер клима-уреди. Минатата година беа издвоени 20 милиони денари и доделени 1.379 субвенции за купување инвертери, додека во 2018 и 2019 година градот даваше по 15 милиони денари за субвенции за набавка на печки на пелети, при што беа доделени повеќе од 900 субвенции, велат градските власти

Борбата против загадениот воздух градските власти ја продолжуваат со субвенционирање на граѓаните за набавка на инвертер клима-уреди, за да го модернизираат начинот на загревање на домовите, односно тие да ги затоплуваат своите домови на начин што нема да влијае негативно врз квалитетот на воздухот. На тој начин граѓаните би го отфрлиле загревањето на домовите со помош на дрва, кои во зимските периоди се еден од главните причинители на загадувањето на воздухот.

До минатата недела вкупно 1.350 граѓани аплицирале на повикот на градските власти за да добијат субвенции за купените инвертери, а средства има за уште околу четири илјади барања. Тоа автоматски значи дека исто толку домаќинства нема да бидат загадувачи на воздухот. На повикот може да аплицираат жителите на сите скопски општини, а условите за добивање субвенции се граѓаните да немаат приклучок на централно градско греење, независно дали го користат или не, и да не аплицираат за објект што е во фаза на изградба. Исто така, барателите на субвенции треба да се корисници на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут и истите тие да им ги предадат на службите на претпријатијата на градот.
Инвертер-климата треба да е купена во 2020 година, во вредност не поголема од 62 илјади денари.

Јавниот повик трае до 30 ноември, односно до исцрпување на предвидените средства за таа намена, а ќе се услужуваат граѓаните по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Градските власти велат дека со овој проект ќе субвенционираат пет илјади граѓани да набават енергетски ефикасни начини на затоплување на своите домови, а на граѓаните целосно ќе им ги надоместат трошоците до предвидената сума за инвертер.
– На јавниот повик смеат да аплицираат сите жители на Скопје што досега немаат искористено субвенции за затоплување на својот дом, односно да не добиле субвенции за печки на пелети или за инвертери на своето домаќинство – информираат од градот.
Оттаму додаваат дека ќе се доделат 322,4 милиони денари, што е неколкукратно повеќе од сите средства дадени во претходните години заедно, а истакнуваат дека годинава нема да се доделуваат субвенции за печки на пелети.

– Градот веќе две години доделува субвенции за граѓаните за набавка на еколошки инвертер клима-уреди. Минатата година беа издвоени 20 милиони денари и доделени 1.379 субвенции за купување инвертери, додека во 2018 и 2019 година градот даваше по 15 милиони денари за субвенции за набавка на печки на пелети, каде што беа доделени повеќе од 900 субвенции – велат градските власти.
Граѓаните го поздравија проектот со кој добиваат можност да го модернизираат начинот на затоплување на своите домови.

– Добро е тоа што добиваме надомест на средствата за купените инвертери. И нам не ни е лесно да се грееме на дрва. Во тој начин на затоплување има многу работа, а и голем ризик. Треба дрвата да се исцепат, па да се запали шпоретот, па да се чисти оџакот… ризик е да се остави домот празен, макар и на петнаесетина минути, бидејќи станува збор за оган, а тој е многу непредвидлив, па лесно може да настане и пожар. Исто така за нас што сме со мали деца, ќумбето е ризик затоа што децата не разбираат зошто не смеат да допрат кај ќумбето, па минимално невнимание од страна на родителот може да резултира со сериозни здравствени последици по детето – вели Елена Костоска, која веќе ги разгледува опциите за набавка на инвертер.
Таа додава дека најголем проблем досега ѝ било кога морала сама да цепи дрва, бидејќи нејзиниот сопруг работи теренска работа, па честопати не е дома и по неколку дена.

– Имам две мали деца, кои никако не можам да ги оставам сами, бидејќи се премногу мали. Огромен проблем ми беше да цепам дрва за да можам да го затоплам домот. Морав да излезам со децата надвор, а ним им се интересни секирата и дрвата, па ризик е цепењето, бидејќи лесно може да летне парче дрво кон нив и да ги повреди – вели таа.

Во официјалниот текст на повикот е наведено дека комисијата што ќе биде формирана за разгледување на барањата го задржува правото да изврши и теренски увид кај барателите што доставиле целосна и уредна документација, за да утврди дека тие ги исполниле условите предвидени во јавниот повик.
– Обврска на барателот е да ѝ овозможи пристап на комисијата до објектот и просторијата во која е инсталиран набавениот високоефикасен инвертер клима-уред- стои напишано во јавниот повик.

[email protected]