Зоолошката доби принова – едно еленче и едно козиче

1281

Зоолошката градина доби принова од две младенчиња, а новите станари се еленчето Тина и козичето Тино. Овие две младенчиња дојдоа на свет едноподруго, вчера и завчера. Тина е принова од видот елени лопатари, додека Тино е младенче на џуџестите украсни кози и прво во оваа сезона. Од Зоолошката градина велат дека наскоро очекуваат принова и кај мајмуните.

– Навистина се радуваме за овие две принови. Младото бамби го прифатија сите елени лопатари и ова е трета принова од овој вид животни. Првите младенчиња се Ива и Ивана, а сега на свет дојде Тина. Бидејќи сме родени на ист ден го доби моето име – објасни Тина Мицковска, одговорна за информирање во Зоолошката градина во Скопје.

Новите младенчиња во градината сега го привлекуваат вниманието на јавноста, особено на најмладите, кои можат да ги видат и одблизу и еленчето и козичката.
Наесен, штом ќе се спуштат малку температурите, одговорните најавуваат дека ќе пристигнат и двете слоници, а во градината ќе се врати и рехабилитираниот Коко. С.Р.