Зоолошката градина со нови клима-уреди за животните

137
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зоолошката градина во Скопје потпиша меморандум за соработка со фирмата „Вивакс“, со што на своите жители ќе им овозможи подобри услови за живеење. Всушност, станува збор за меморандумот за спонзорство, кој ќе овозможи поставување висококвалитетни клима-уреди, кои ќе имаат задача да ја приспособат и регулираат климата на некои од животните во Зоолошката градина.

Соработката со оваа компанија ќе овозможи полесно одржување и подобрување на животните услови на 85 различни видови животни, кои се простираат на 12 хектари во Зоолошката градина.
– Оваа година сите, и посетителите и ние, со нетрпение го очекуваме пристигнувањето на новите животни, чии живеалишта веќе се подготвуваат. Благодарение на „Вивакс“ и нивното спонзорство сега сме во можност да обезбедиме дополнителна нега за животните, која многу ни значи – истакна Јорданчо Милошевски, директорот на Зоолошката градина во Скопје, на вчерашното потпишување на меморандумот.
Потпишувањето на еден ваков меморандум е само уште една можност да се покаже општествената одговорност на компаниите.

– Секој од нас мора да се насочи кон остварувањето проекти што ќе доведат до подобар живот. Многу е важно да ја заштитиме нашата животна средина, да ги згрижиме животните и во целост да се фокусираме на одржување добра практика, што ќе нѐ насочи кон тоа да си ја обезбедиме иднината. Затоа „Вивакс“ како компанија денешното потпишување на меморандумот за спонзорство го смета како инвестиција во иднината – рече Филип Трифуновски, претставник на „Вивакс“ во Македонија.