Зелените пазари плачат за модернизација

203
Фото: Дарко Андоновски

Пазарџиите во зима се на отворено и студ, а налето работат на високи температури. Поради тоа често стоката им скапува и трпат загуби. Проблем се и хигиенските услови и не се сеќаваат кога последен пат плочниците на пазарите биле измиени со вода. Тезгите се стари и одамна незаменети со нови, прокиснуваат по секој дожд. Паркирањето исто така е голема главоболка и за продавачите и за купувачите

Условите за продавачите, хигиената и паркирањето на зелените пазари се стара болка на пазарџиите. Тие велат дека веќе триесетина години зборуваат за подобрување на условите на пазарите и бараат подобрување на условите од сопствениците на пазарите, но работите не мрдаат од место. Во зима се на отворено и студ, а налето работат изложени на високи температури. Поради тоа често стоката им скапува и трпат загуби. Пазарџиите се жалат и на хигиенските услови, за кои велат дека се супстандардни, бидејќи оние што ја одржуваат хигиената само ги метат пазарите. Пазарџиите не се сеќаваат кога последен пат плочниците на пазарите биле измиени со вода. Оние што си го вадат лебот на пазарските тезги велат дека не се проблем само хигиенско-техничките услови туку не се задоволени ниту потребните стандарди за да се продава храна, односно овошје и зеленчук.

Тезгите се стари и одамна незаменети со нови, покривите прокиснуваат по секој дожд, а нималку не се задоволени ХАСАП-стандардите, бидејќи ако се инсистира на нив, тврдат дека сите пазари во земјава ќе се затворат. Од клуч на врата би се спасиле само четири-пет пазари. Паркирањето е исто така голема болка, од која се засегнати како пазарџиите така и купувачите, кои најчесто немаат каде да се паркираат. Решение на паркирањето се наѕира на Бит-пазар, најголемиот градски пазар во Скопје, кој сѐ уште се реконструира. Според проектот, пазарџиите ќе добијат 1.000 нови тезги, целосно ќе биде обновена инфраструктурата на пазарот, новиот покрив истовремено ќе претставува и нов паркинг-простор со 230 паркинг места. Пазарот на површина од 600 квадратни метри ќе добие сосема нов деловен простор. Финализација на реконструкцијата ќе овозможи нов начин на пазарење и подобрување на функционалноста на работењето на корисниците. Пазарџиите тврдат дека проектот на Бит-пазар доцни и дека, по 14 месеци, сѐ уште не е завршена втората фаза. Но дали модернизирањето ќе продолжи и на другите зелени пазари, не добивме одговор од АД „Скопски пазар“, најголемиот сопственик и организатор на зелените пазари. Поради годишни одмори, не можеа да ни обезбедат информација кој ќе биде нивниот следен чекор.

– Триесет години еден клинец не е закован на пазарите. Ништо не е обновено и променето. Во 2010 година Агенцијата за храна и ветеринарство донесе одлука да не се продаваат на зелените пазари јајца, млечни и сувомесни производи, маслинки. Тогаш не се согласувавме со таа одлука, зашто пазарите ќе ја изгубат смислата. Па, поради тоа беа поставени разладни витрини, бидејќи АХВ ги притисна организаторите на пазарите да создадат подобри услови за продажба и на овие производи. Оттогаш ништо повеќе не направија. Едвај дојдовме до договор да се обнови Бит-пазар. Наша интенција е да се обнови и зелениот пазар, но, и покрај сите наши ангажирања и реакции, институциите си молчат. Тезгаџиите си плаќаат за тезга и што можат друго да направат. Се прашуваме кај се парите што се собираат од таа сума, од која се издвојува процент за амортизација.
– Во светот пазарите се обновуваат, чуваат и негуваат како нешто свето. Ете земете го Грин маркет во Лондон, фантастично се чува. На пазарите се одвива социјалниот живот, се прераскажуваат секојдневните политички и други збиднувања. Пазарите се дел од нашето живеење – вели Екрем Долек, претседател на Комората на трговци и на Здружението на пазарџии.

Од АХВ во текот на вчерашниот ден не ни одговорија дали имаат намера да побараат од организаторите подобри услови на пазарите. Но не се проблем само условите, на зелените пазари се чини голем проблем е паркирањето, како за пазарџиите, така и за купувачите.
– Честопати не можам да најдам место за паркирање и затоа возилото го оставам подалеку од пазарот, таму каде што ќе најдам паркинг. За да ја однесам стоката до тезгињата, навистина ми претставува проблем. По неколкупати одам и се враќам, бидејќи на раце носам гајби или вреќи со производи. Граѓаните, пак, токму поради тоа што немаат каде да се паркираат се решаваат да пазарат повеќе по маркетите отколку на пазарите и ние трпиме загуби од сите страни – се жали тезгаџија од зеленото пазарче.

Последното поскапување на паркингот кај зелениот пазар, односно зголемените цени на „Паркинзи на општината Центар“, сосема ги разочара пазарџиите, кои надомест не можат да добијат ниту преку зголемувањето на цените на производите, бидејќи така ќе си ги избркаат купувачите. Велат дека за нив ова е крај на пазарот.
– На 20 пазарски тезги им следува по едно паркинг-место. Пазарот на пример во Буњаковец треба да има 30-40 паркинг-места. Пазарот во Ѓорче Петров го има решено проблемот со паркирањето. Поранешниот простор на зелениот пазар во Тафталиџе беше претворен во маркет, пазарот беше преселен на нов простор, а првата тезга е сосема на улица и тоа е навистина нелогично. И пазарот во Ченто исто така има проблем со паркирањето. Генерално, во државава, состојбата со пазарите е катастрофална. Освен пазарот во Куманово, кој беше направен со некаква донација, ниту еден друг не е обновен – појаснува Екрем Долек.