Згради потонати во облаци прав

404
Прашина се крева по секое возило што ќе помине Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повеќе од половина година некои од аеродромци што живеат во близината на булеварот АСНОМ се задушуваат во прашината што ја создаваат градежниците, кои работат на оваа сообраќајница. Граѓаните се жалат дека покрај загадениот воздух цела зима голтаат и прашина. Камионите што разнесуваат градежен материјал, постојано истураат, а од фирмите никој ниту чисти ниту мие по нив. Од правот што се крева често не се гледаат станбените згради, како што е близу последната автобуската станица на линијата со бројот 5, а станарите не можат да отворат прозорец за да ги проветрат своите домови.

Со секој ветер се разнесува насобраната прашина по уличките, паркинзите и тротоарите по целата должина на изведбените работи од хотелот „Русија“ до последната станица на автобуската линија со бројот 5 и завршува на терасите на зградите близу булеварот. На целиот тој потег со месеци се копа и никако да завршат започнатите градежни работи. Облаци прав се креваат по секое возило што ќе помине на тој дел од населбата Аеродром, а полни со прав се и нивните автомобили оставени на блиските паркиралишта. Никој ниту ги чисти ниту ги мие улиците кога се изведуваат вакви градежни активности. Поради градежните зафати на булеварот АСНОМ, по изменети траси возат и автобусите на ЈСП на линиите со броевите 3 и 23, а тоа им прави дополнителна нервоза на сите што користат јавен градски транспорт.

Револтирани аеродромци прашуваат каде се комуналните инспектори да излезат на терен или, пак, чекаат граѓаните да им пратат дојава за ваквите состојби. На прашањето дали улиците на кои има градилишта треба почесто да се мијат или, пак, тоа треба да го побараат граѓаните, од градот се децидни дека граѓаните што ќе забележат ваква појава можат да ја пријават во Инспекторатот на градот Скопје.

– Ова е навистина нехумано, се наголтавме прашина, па барем комуналците да дојдат со цистерни да ги измијат јавните површини. Голтаме прашина од дома до паркиралиштата, а на нив си ги наоѓаме полни со прав и автомобилите. Попусто даваме пари по пералници. Зошто фирмите што инвестираат немаат обврска да внимаваат на хигиената, да прскаат, да не истураат градежен материјал. Ги контролира ли некој воопшто овие состојби, каде се комуналните инспектори, инспекциските служби да ги опоменат, да ги казнат за ваквото неодговорно однесување – изјавува револтирана жителка на Аеродром.

Од градот топ не ги бие, го даваат стандардниот одговор и образложение дека во однос на условите што треба да се испочитуваат во градилиштата, тие се повеќе опфатени во Законот за градење и за нивна контрола се задолжени градежните инспекции на општините.

– Градот Скопје, преку ЈП „Комунална хигиена“, во континуитет работи на миење на улиците, кое го врши со девет специјални возила, во согласност со динамиката и приоритетите што се утврдени од страна на претпријатието. „Комунална хигиена“ има надлежност машинското миење со автоцистерни да го извршува само на главните сообраќајници и булевари. За другите улици се надлежни општините. Од аспект за хигиената и работата на градилиштата, Инспекторатот на градот Скопје има надлежност да ги контролира градилиштата во однос на излегување камиони и други градежни машини од градилиштата на улица со валкани тркала и непокриени со поклопец – церада (во согласност со Законот за јавна чистота). Овие контроли се вршат секојдневно и против сите прекршители се поднесува соодветна пријава – тврдат од градот Скопје.

Се поставува прашање, ако се казнуваат прекршителите, зошто тогаш и понатаму не ги почитуваат правилата, дали казните се благи или можеби не се реализираат. Од ЈП „Комунална хигиена“ акцентираат дека не е нивна обврска да ги посетуваат и мијат сите улици каде што има градилишта. На терен треба да бидат инспекциските служби. Во овој период не го прават тоа ниту на улиците за кои се задолжени поради мрзнење.

– Секоја фирма што гради треба да си обезбеди своја цистерна и со неа да прска, да ја одржува хигиената, да не дозволи да се создаваат облаци од прав, тоа е нивна законска обврска. Според програмата за работа, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје стандардно спроведува машинско миење со автоцистерни само во периодот од април до октомври. Се случувало да чистиме или миеме улици по налог на градот или општината, но главно градилиштата треба да ја одржуваат хигиената. Исто така, по налог на градот сме подигале отпад што го оставила некоја градежна фирма и ние сме го носеле на „Дрисла“, што е обврска на фирмите. Оние градежни фирми, кои создаваат прашина на улиците или истураат песок, земја што и да е, го прекршиле Законот за животна средина, Законот за јавна чистота, комуналните инспектори можат да ги казнат – велат од ЈП „Комунална хигиена“.

А граѓаните не бараат ништо повеќе, туку секој да си ја заврши својата работа за да имаат почиста животна околина.


Општината Аеродром имала инспекциски контроли на терен

Од општината Аеродром потврдија дека граѓаните се пожалиле и кај нив на прашината од градежните активности на булеварот АСНОМ, за што надлежните тврдат дека интервенирале на терен.
– Станува збор за обемни градежни активности на потегот од хотелот „Русија“ до последната станица на линијата со бројот 5 во Ново Лисиче. На тој дел се гради булеварот АСНОМ, како и нова пешачка и велосипедска патека, како и пречистителна станица во близината на последната автобуска постојка. Досега имало повеќе жалби од граѓани во однос на ова прашање, поради што инспекциските служби на општината Аеродром редовно интервенираат на терен и им наложуваат на изведувачите да ги мијат тркалата од возилата за да се намали разнесувањето на прашината – велат од општината Аеродром.

Фото: Маја Јаневска-Илиева