Зголемен бројот на казни за загадувачите на Скопје

139

Сериозно ги интензивиравме активностите на инспекциските служби и во септември изречени се 132 мандатни казни при контрола и надзор на капацитети што работат со Б лиценци и се во наша надлежност, при контролите на градежни објекти, како и на лица кои несоодветно го третирале отпадот. Интензивните активности продолжија и овој месец, и досега во октомври изречени се 220 опомени и 137 мандатни казни.

Ова го соопшти градоначалникот Петре Шилегов на денешната дваесетта седница на Советот на Град Скопје, на која се поставуваа советнички прашања. Дел од прашањата се однесуваа за загадувањето на амбиенталниот воздух и активностите на градскиот инспекторат.

– Во октомври на територијата на Град Скопје е извршена засилена контрола на градилиштата во сите општини. Во овој период извршени се контроли на повеќе од 50 локации каде се вршат градежни активности, при што на изведувачите им се укажува да не се излегува од градилиштата на улица со камиони со валкани тркала и непокриени со церади. Во периодот што следува ќе продолжат засилените контроли и доколку се констатира прекршување на законот, ќе следуваат соодветни казни за правните и за физичките лица – додаде Шилегов.

Инспекторите на Град Скопје извршуваат и редовен инспекциски надзор на правни субјекти – инсталации кои подлежат на Б-интегрирана еколошка дозвола. Согласно со извештаите, правните субјекти редовно доставуваат резултати од мерења со кои се задолжени во самата дозвола, бучава, ПМО честици, испитување на вода во реципиент. Дополнително, инспекциските служби вршат интензивна контрола на градилиштата во Скопје.

Шилегов информира и за активностите на градскиот инспекторат во насока на намалување на загадувањето преку интензивираните контроли и дежурства и нагласи дека во изминатиов период се изречени двојно поголем број казни во однос на истиот период лани.