За фаќање на крстот во водите на Вардар пријавени 45 скокачи

167
Фото: Игор Бансколиев

На три дена пред верскиот празник Богојавление-Водици, кој се одбележува на 19 јануари, пријавени се четириесет и пет лица за учество во традиционалното фаќање на крстот во водите на реката Вардар. Она што е карактеристично е што меѓу овие кандидати не се пријавила ниту една жена. Според веќе установените правила, пријавените мора да се полнолетни, на возраст од над 18 години. Исто така, оние што сакаат да скокнат по крстот во водите на Вардар најпрво ќе мора да се јават на бесплатниот лекарски преглед во Спортска медицина. За сите кандидати прегледот е задолжителен, а откако ќе добијат лекарска потврда за нивната здравствена состојба што им одобрува ваква активност ќе можат да се пријават во Македонската архиепископија. Пријавите на кандидатите за учество во фаќањето на светиот крст во водите на реката Вардар ќе може да се доставуваат до 17 јануари.

Како и досега, настанот ќе се одвива на 19 јануари, под мостот на Вардар, кај хотелот „Холидеј ин“, а чинот на фрлањето на осветениот крст, точно напладне, ќе го изврши поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан. Настанот, како и вообичаено, ќе го обезбедуваат медицински екипи и екипи на Црвениот крст, како и полицијата.