За три месеци ограбени речиси 500 дома во Скопје

2861

Во полициската станица во Аеродром само за три месеци се евидентирани 114 кражби по куќи и по станови, а по неа полициската станица во Центар бележи 110 кражби

Зачестија кражбите по домовите на скопјани и токму затоа тие се исплашени и вознемирени при секое пократко отсуствување од дома. И во секојдневните разговори на луѓето може да се чуе „влегле во станот на соседот“, роднината, во другата зграда… Според податоците на Министерството за внатрешни работи во првото тримесечје од годинава, најмногу, дури вкупно 114 кражби по куќи и по станови се евидентирани во полициската станица во Аеродром, а по неа е полициската станица во Центар со регистрирани 110 кражби за истиот временски период. За три месеци само во Скопје има речиси 500 кражби и тешки кражби.

Цел на крадците најчесто се пари и злато, а тие по добро разработена шема веројатно најпрвин се информираат за сопствениците, ги следат нивните движења и отсуства од домовите, па потоа напаѓаат на целта. За жал, тешките и полесните кражби во домовите на граѓаните се карактеристични и за другите градови во земјава. Според информациите на Министерството за внатрешни работи, од почетоков на годинава до март, значи во првото тримесечје на територијата на Македонија, регистрирани се вкупно 700 кривични дела „тешка кражба“ во станбени објекти. Од оваа вкупна бројка само на подрачјето на главниот град биле извршени 483 тешки кражби во станови и во куќи и тоа, според СВР-Скопје, во истиот период од јануари до март 2018 година. Од нив 19 се кривични дела кражби исто така извршени во станови и во куќи.

Овие фрапантни бројки за кражби во станови и во куќи, ги тераат граѓаните постојано да размислуваат за начинот како да ги обезбедат и заштитат своите домови од крадците. И додека некои се обраќаат во осигурителните компании, други размислуваат за поставување безбедносни врати и брави, па дури и камери. Малкумина имаат навика, своите домови или имот да ги осигурат од кражби или, пак, од други непогоди. Некои од граѓаните сѐ уште се недоволно информирани дека основните пакети на годишно ниво и не чинат толку многу. Зачестените кражбите и пред да почнат годишните одмори навистина им стануваат товар на граѓаните, па затоа многумина се прашуваат како да заминат на одмор, а притоа да бидат мирни дека станот или куќата им се безбедни од крадци.

– Ми влегле во станот и сѐ превртеле. Не бев на одмор, туку се вратив од работа и најдов отворени фиоки, врати од плакари, истурени алишта од плакарите. Од вратата ми стана јасно дека сме ограбени. Стресот секако е преголем, а дури потоа констатирате што ви е украдено. Не помина многу од кражбата во мојот дом, потоа се случи го ограбија и соседот. Пребаруваат сѐ и најчесто одземаат пари и накит. Некако овие крадци не се заинтересирани за технологија, компјутери, телефони и слично – вели скопјанец што неодамна имал лошо искуство со кражба во домот.

Кражбите се случуваат во речиси сите скопски населби, но полициската статистика вели дека по Аеродром и по Центар, кои предничат со статистиката на кражби и тешки кражби по домови, следува Карпош. Тамошната полициска станица од јануари до март запишала 90 кражби во куќи и во станови. Крадците во Чаир, пак, за истиот временски интервал ограбиле 48 стана и куќи, а 44 во Гази Баба. Во Ѓорче Петров во 35 дома влегле и извршиле кражба. Полициската станица на Бит-пазар евидентира 31 кражба извршени во станови и куќи. Нешто помалку цел биле жителите од Кисела Вода, каде што се регистрирани вкупно 20 кражби и тешки кражби. Најмалку се влегувало во домовите на жителите на скопската населба Драчево, каде што се запишани само 10 кражби.