За Саемот на книгата две автобуски линии

484

Јавното сообраќајно претпријатие во редовниот линиски превоз ги вклучи вонредните линии со броевите 100 и 200, кои ќе сообраќаат до 14 мај, кога и завршува годинашниот саем на книгата.

Линијата со бројот 100 ќе сообраќа од Ново Лисиче до СЦ „Борис Трајковски“ каде што од вчера започна Саемот на книгата. Автобусите, пак, со бројот 200 ќе тргнуваат од населбата Дексион, а цените на билетите на двете вонредни линии се според официјалниот ценовник на ЈСП „Скопје“.

Автобуските линии ќе се вклучуваат од 11 часот и ќе ги има речиси на секој час или нешто повеќе, а од „Борис Трајковски“ ќе тргнуваат по 12 часот.

Линијата 100 од Ново Лисиче ќе се движи по улиците Февруарски поход, булеварите В.С.Бато, Јане Сандански, К.Ј.Питу, Кочо Рацин, па по улиците 11 Октомври и Димитрие Чуповски. Во продолжение ќе се движи по булеварите Св. Климент Охридски, Партизански одреди, па по улицата Бледски договор до СЦ „Борис Трајковски“. Од таму ќе се враќа по истата траса.

Линијата, пак, со бројот 200 од Дексион ќе се движи по улиците Црногорска, Кузман Шапкарев, Ѓорче Петров, потоа по булеварот Партизански одреди и преку улицата Бледски договор до СЦ „Борис Трајковски“. Враќањето ќе биде по истата траса.