За половина година подигнати над 74.000 тони отпад од домаќинства

124

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ во периодот јануари – јуни годинава собрале и транспортирале  74.301 тон комунален отпад од скопските домаќинства, или просечно по 411 тони дневно. Направени се 14.649 тури, во просек по 81 тура дневно. Во однос на минатата година количеството на собран и транспортиран отпад годинава е поголемо за 1.887 тони, како и бројот на турите кој е погoлем за 340 тури, соопшти денеска ЈП „Комунална хигиена“.

Во овој период, екипите на ова претпријатие расчистиле и 855 кубни метри диви депонии составени од градежен шут, земја, гранки и отпадоци, на територијата на општините Гази Баба, Чаир, Кисела Вода, Аеродром и Бутел. Од страна на еко-патролата дополнително биле откриени и расчистени 485 кубни метри разновиден комунален отпад на повеќе локации низ градот.

Во Центарот за селекција на отпадот на ЈП „Комунална хигиена“ во Карпош биле расчистени 300 тони кабаст отпад насобран во акциите за чистење на скопските општини во текот на изминатите три години.

Во периодот јануари – јуни годинава вкупно 207 дотраени контејнери со зафатнина од 1,1 кубен метар беа заменети со нови садови за отпад на 38 локации во општините Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Чаир и во Кисела Вода.

– За поефикасно работење на јавното претпријатие набавени се две возила – едно товарно моторно возило кипер со капацитет на сандакот до 10 кубни метри, со вградена кранска рака, како и едно специјално возило наменето за заловување и транспорт на бездомните кучиња од скопските улици, што ќе се употребува од страна на специјализираната Служба за хуман третман и контрола за заловување на бездомните кучиња коишто се транспортираат во стационарот „Вардариште“, се вели во соопштението.