Некои возачи во приватните автобуси се однесуваат како да се дома / Фото: Игор Бансколиев

Пушењето цигари во јавен превоз е забрането според Законот за заштита од пушење, како и повеќе одлуки на Град Скопје, но и покрај тоа во приватните автобуси има возачи што пушат цигари додека извршуваат јавен градски превоз

Граѓани алармираат за пушење во автобуси

Граѓани што патувале со автобус на приватната линија со бројот 19 се задушувале од чадот на цигарата на возачот, кој пушел во возилото додека извршувал јавен градски превоз на патници и уште за време на пандемија. Неговата постапка, која е спротивна на Законот за пушење, уште повеќе ги револтирала патниците, кои со заштитни маски на лицето се бореле за воздух. Настанот се случил во вторникот вечерта, кога граѓани брзале да ја фатат последната деветнаесетка, која тргнува во 19.20 часот од последната автобуска станица кај трговскиот центар „Сити мол“, за да стигнат дома пред да започне полицискиот час. Најпрвин го чекале возачот да ја допуши цигарата, кој потоа влегол во возилото и го стартувал моторот. Откако тргнал, кратко време потоа, повторно запалил цигара, но овој пат си пушел внатре во возилото додека управувал со него. Патничка вели дека тие што седеле на поблиските седишта зад возачот најпрвин почнале да поткашлуваат, а потоа и силно да кашлаат и да се борат да вдишат воздух преку заштитните маски на лицето. Од друга страна, автобусот бил полн со патници. На повеќето не им било јасно што ги иритира да кашлаат сѐ додека за кратко не го почувствувале чадот и сфатиле дека возачот пуши цигара додека вози. Никој од патниците не сакал да влегува во расправија со него, зашто по ваквата постапка и не можеле да предвидат како ќе реагира тој. Ама сосема легитимно прашуваат кај кого да го пријават. Не само во приватната деветнаесетка, патници биле сведоци како и друг возач на линијата со бројот 9 исто така пушел во автобусот со кој управувал и превезувал патници.

– Патниците што се незадоволни од што било во врска со превозот, па и за да пријават возачи што пушат во возилата можат да ни пишат на нашата веб-страница „Макекспрес превоз Скопје“. Притоа задолжително да го запишат гаражниот број на автобусот, кој се наоѓа на задниот дел од возилото и започнува со шест илјади, времето во кое се случил настанот, за да видиме за кое возило и за кој возач станува збор, бидејќи сега поради полицискиот час е скратен возниот ред и дневно се менуваат распоредите. Доколку има пријава против некој од возачите, ние го повикуваме и најпрвин го опоменуваме, а доколку се повтори и натаму продолжи да пуши цигари во возило, тогаш тој возач го санкционираме со одземање на возилото доколку е негов сопственик, односно не му издаваме налог на еден ден, на една недела. Пред три години имавме повеќе вакви пријави, но сега можеби некои и не пристигнале до нас. Ние како фирма не можеме ништо повеќе да преземеме од ова, но се знае дека Законот за пушење не дозволува да се пуши во затворен простор. Сообраќајната градска инспекција инаку врши редовни контроли во јавниот градски превоз – вели Милорад Димитриевски, еден од основачите на приватното претпријатие „Макекспрес“, кој додава дека приватната линија со бројот 9 сега е на приватното претпријатие „Слобода превоз“.

„Макекспрес“ сега вози на линиите со броевите 19, 20, 22, 52 и 54 и е пионер во приватниот јавен градски превоз во Скопје. Но дали ваквите можеби инцидентни појави на возачи што пушат во јавен градски превоз за време на пандемија можат да бидат пријавени и во Државниот санитарен и здравствен инспекторат?
– Во членот 7 од Законот за заштита од пушењето, наведени се инспекциските и другите органи надлежни за вршење инспекциски надзор над неговото спроведување, но не е наведено децидно кој орган каде врши надзор. За да нема преклопување на инспекциските надзори, Државниот санитарен и здравствен инспекторат вообичаено врши надзор над спроведувањето на овој закон во здравствените установи и сместувачките капацитети на угостителските објекти – вели Весна Димитровска Николовска, раководителка на Секторот за инспекциски надзор во Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Инаку, со Законот за заштита од пушење се уредува заштитата од штетните дејства на пушењето тутун и други производи од тутун врз граѓаните, зачувувањето на здрава животна средина, забрана на пушењето во одредени јавни простории и забрана за рекламирање на цигарите.


Што велат од Град Скопје

Според градските власти, пушењето цигари во јавен превоз е забрането според Законот за заштита од пушење, како и повеќе одлуки на Град Скопје.
– Досега до нашиот инспекторат не пристигнале конкретни поплаки за ваков вид состојби, за да излезат на терен и да постапат (во рамките на нивните ингеренции во согласност со Законот за јавна чистота, најголемите ингеренции во согласност со Законот за заштита од пушење се во рацете на државните инспекторати и МВР). Од ЈСП „Скопје“ имаат можност да спроведат интерна дисциплинска постапка за нивните вработени, но за тоа треба да имаат соодветни докази, па оттаму ги охрабруваме граѓаните доколку забележат возачот или контролорите да пушат цигари или каква било друга забелешка или нивно несоодветно дејствување, истите тие да ги запишат гаражниот број на возилото, бројот на линијата и времето и истото тоа да го пријават во ЈСП.