„Затемнување“ на кејот кај Железничката станица

Дефектите се редовна појава што се случува на терен, но често имаме случаи и на намерно уништување на урбаната опрема и на другите материјални добра на Град Скопје, при што често се уништуваат зелените површини и инсталациите за наводнување, се крадат расадите, се палат контејнерите, се оштетуваат сообраќајните знаци…, велат градските власти

Граѓани сведочат за намерно уништување на уличното осветлување во Скопје 

Намерното уништување на јавните добра од страна на несовесни граѓани, на кои се чини дека поради некоја причина тоа им одговара, не се однесува само на уништувањето на клупите и кантите за отпадоци, туку и на уличното осветлување. Како последица од тоа низ градот има темни улички, паркови и велосипедски патеки каде што многу е тешко, но и опасно движењето на граѓаните.
Таква е сликата и на кејот кај Железничката станица. Сега, кога денот почна да се намалува, граѓаните што со велосипеди се движат во овој дел од градот, велат дека темнината во тој дел е застрашувачка. Велат дека на тој начин лесно може да станат цел на напасници, кои во темнината лесно би успеале да ги остварат своите криминогени цели, да наштетат, а без притоа некој да ги види.
– Моето работно време завршува околу 19 часот, кога надвор веќе се стемнува. Работам во Центар, а живеам во Аеродром. За да стигнам побрзо дома најчесто со велосипедот се движам по кејот, а изминативе неколку дена, делот кај Железничката станица е без осветлување. За мене тоа е навистина страшно.

Што ако некој ме нападне во темницата? Кој ќе може да ми помогне доколку навистина дојде до таква ситуација? Сега и фреквентноста на луѓе е намалена, па навистина е застрашувачки да се движи човек тука. Но не е само тоа во прашање. Видливоста е мала, па лесно може и да се случи некоја несреќа додека возам велосипед – вели Деана Јовановска, жителка на Аеродром.
Таа вели дека од целата патека, проблем има само во овој потег, па додава дека честопати била сведок на несовесни граѓани како намерно го уништуваат осветлувањето.
– Тука во околината има диви населби. Честопати ги гледам дивонаселените како се качуваат на столбовите од светилките и се нишаат за намерно да ги прекинат контактите за тие да не светат. Се чини дека ним им одговара во овој дел да е темнина – вели таа.
Градските власти велат дека се запознаени со дефектот, но дека не знаат која е причината за неговото настанување.
– Станува збор за дефект што е пријавен до нашите служби.

Истите тие ќе излезат на терен и ќе го санираат во најкраток можен рок. Во однос на причините за ваквите дефекти, за конкретниов случај немаме информации – информираат од Градот.
Оттаму додаваат дека дефектите се редовна појава, но истакнуваат дека намерното уништување на урбаната опрема не е ниту новитет ниту нешто што ретко се случува.
– Дефектите се редовна појава што се случува на терен, но понекогаш имаме случаи и на намерно уништување на урбаната опрема и на другите материјални добра на Град Скопје, при што често се уништуваат зелените површини и инсталациите за наводнување, се крадат расадите, се палат контејнерите, се оштетуваат сообраќајните знаци… – велат градските власти.
Овој случај не е ниту изолиран ниту единствен на територија на Градот. Неодамна во Општина Чаир граѓани се обидоа да украдат цел столб за осветлување во „Чаирчанка“, за што јавноста ја информира градскиот татко, Петре Шилегов, на социјалните мрежи. За среќа, сторителите беа набрзо фатени, а уличната светилка повторно беше вратена и поставена на местото од страна на стручните служби.

Во некои населби се извадени и капаците од електричните столбови на уличното осветлување. Од нив стрчат кабли, кои лесно можат да предизвикаат фатални последици кај помалите деца, кои не знаат дека тоа може да биде опасност по нивниот живот.
Се чини дека се залудни сите напори на општините и на Градот. Тие не можат толку да поправат колку што несовесните граѓани можат да уништат.

[email protected]