Засилени контроли и казни за спречување на кражбите на капаци на шахтите

156

ЈП Водовод и канализација – Скопје, известува дека тендецијата за масовно крадење на капаците на шахтите и решетките од сливниците продолжува и денес.

Од компанијата додаваат дека заради спречување на ваквиот вандализам и санкционирање на сторителите, ќе се засилат контролите на комуналните служби низ општините, но и на откупните центри за старо железо, каде доколку се пронајдат вакви предмети, ќе бидат изречени казни согласно Законот.

„Во општина Карпош, денес повторно е потврдена кражба на капаци на шахти на следните локации: бул. Партизански одреди, на велосипедската патека кај Поликлиника Букурешт, кај ГУЦ и на бул. 8 Септември. Ваквиот вандализам негативно се одразува и ја загрозува безбедноста на граѓаните и учесниците во сообраќајот. И овој случај е документиран и пријавен во полициска станица, комуналните служби на Град Скопје и комуналните служби на општината“ соопштија од Водовод.

Оттаму додаваат деќа ќе бидат поставени нови капаци на посочените локации, но апелираат до јавноста и граѓаните, да не се крадат капаци и решетки од улиците, бидејќи, како што велат, на тој начин не се нанесува само штета на претпријатието туку и се загрозува безбедноста на граѓаните и учесниците во сообраќајот.