Започна реконструкција на улицата Московска и на мостот „Гоце Делчев“

204

Започна реконструкцијата на улицата Московска и на мостот „Гоце Делчев“. Скопскиот градоначалник вели дека работите на овој потег ќе завршат за 20 дена.

– Градот Скопје продолжува интензивно со реконструкцијата на инфраструктурата под надлежност на градот. Денеска сме на улицата Московска, каде што ја почнавме реконструкцијата на коловозот во должина од 690 метри, која е предвидено да чини околу 8,2 милиони денари и да се заврши во рок од 20 дена – вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Градоначалникот додава дека денеска ќе биде затворен мостот „Гоце Делчев“, од 17 часот до 22 часот, во правец од Владата до ТЦ „Мавровка“, за да се изврши реконструкција на мостот. Во текот на изминатите месеци целосно биле реконструирани улиците Димитрија Чуповски, Љубљанска и Антон Димитров, а реконструкцијата е во тек на улиците Февруарски поход, Лазар Трповски, Ѓорче Петров, Лазар Личеноски, Московска и булеварот Партизански одреди.

Градоначалникот Шилегов повторно ги замоли граѓаните, за разбирање додека траат градежните активности, бидејќи целта е на крајот во Скопје да имаме функционален, модерен и безбеден сообраќај, кој целосно ќе ги задоволува потребите на граѓаните.