Започна пријавувањето за Дедомразовската трка во Скопје

62
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Официјално почна пријавувањето за традиционалната Дедомразовска трка во Скопје, која оваа година ќе се одржи на 22 декември. Според информациите од „Прв до врв“ што е и организатор на овој настан, стартот и финишот на трката се на плоштадот „Македонија“, а маршрутата на трчање е кон портата „Македонија“, паркот „Жена борец“, „Холидеј ин“, мостот кај МНР, покрај Вардар кон Камени мост и преку преку мостот до целта. Стартот на трката е закажан за 12 часот, а подигнувањето на стартните пакети од 9 до 11 часот на денот на трката.

Должината на патеката е само два километри и можат да се пријават и деца во придружба на родители. Учеството во трката чини 300 денари, а за првите 200 пријавени следува целосен дедомразовски костим, составен од палто, панталони, капа, ремен и брада. Пријавувањето може да се направи преку веб-страницата www.prvdovrv.mk.

Трката има натпреварувачки, но и забавен карактер, според тоа организаторите велат дека во неа се добредојдени учесници од сите старосни групи.

– За победниците следуваат награди, а на најсреќните учесници преку лотарија ќе им се исполнат новогодишните желби без оглед на резултатот и освоеното место. Пред и по трката се предвидени музичка програма, загревање со фитнес-инструктор и церемонија на прогласување на победниците – се наведува во соопштението на „Прв до врв“.