Заезерени булевари по секој дожд, а Скопје со атмосферска од само 30 отсто

1096
Фото: Дарко Андоновски

Повторно дождови, можно невреме попладне, гласат најавите на метеоролозите, а тоа, пак, за скопјани значи повторно влегување во сообраќаен хаос на полни улици со вода. По секој пообилен дожд следува иста слика, чекање во редови од автомобили заглавени во заезерени булевари, затоа што капацитетот на атмосферската канализација не е доволен да ги прими надојдените атмосферски води. Покриеноста на Скопје со атмосферска канализација е само 30 отсто. А тоа значи дека градот и општините во своите инвестициски програми треба многу повеќе да издвојуваат за изградба на атмосферски мрежи, со оглед на тоа што тие ги прибираат средствата за комуналии. Тоа треба да биде и дополнителен поттик поради слабата апсорпција на постојните општински атмосферски канализации. А по секој дожд од над 30 литри на метар кубен се активираат таканаречените црни точки и се создаваат цели езера на булеварите Киро Глигоров, Србија, Павел Шатев, Александар Урдаревски кај поранешната фабрика „Наше дете“, клучката кај хотелот „Континентал“, подвозникот кај хотелот „Александар палас“. Од „Водовод“ не кријат дека лоша е состојбата во смисла на тоа што е изградено досега од атмосферската канализација, а изградени се само 296 километри. Велат атмосферската канализација има третман на јавно добро и треба да ја градат градот Скопје и општините.

– Изграденоста на магистралната атмосферска канализација по градските улици е околу 80 отсто, а неизградениот дел е резултат на непробиените и нереализирани булевари и улици, додека секундарната атмосферска канализација што е обврска на општините е на незадоволително ниво и оттука произлегуваат проблемите при дождовите. Потребно е секој градска општина интензивно да работи на изградба на атмосферска канализација по улиците што се под нивна надлежност, објаснуваат од ЈП „Водовод и канализација“.

Од претпријатието додаваат дека при изработка на ДУП-ови во секоја општина постои законска обврска да се изработат и решенија за хидротехничка инфраструктура во состав на ДУП-от. Општините треба врз основа на овие решенија да изработуваат основни проекти и при реализација на сообраќајниците да се реализираат и секундарните атмосферски канализации, затоа што нивната неизграденост доведува до поплавување на магистралните сообраќајници поточно подвозниците, објаснуваат од ЈП „Водовод и канализација“.
За 2018 година во согласност со инвестициската програма на претпријатието за реконструкции и изградба на канализациска инфраструктура, по проекти во согласност со развојните компоненти на градот Скопје и обезбедени извори за финансирање, испланирани се 30.000.000 денари.
За наредната година од претпријатието не можеа да ни кажат колкав износ ќе биде издвоен, но очекуваат да не биде помалку од годинашниот.
Во моментов се завршени сите постапки и почнува реализацијата, односно изградба на ИПА-проектот „Подобрување на инфраструктурата за собирање отпадни води во градот Скопје“.