Загадување на воздухот пак ги распламти социјалните мрежи

403
Секојдневно некаде чади и се загадува Фото: Дарко Андоновски

Не е грејна сезона, ама во населените места како Сарај, Нерези, Шишево, Крушопек, како и во општините Аеродром и Кисела Вода секојдневно се чувствува загаден воздух, како последица од горење разни пластики и гуми. По социјалните мрежи граѓаните постојано поставуваат слики и се жалат на непријатна миризба

Скопјани повторно ја актуализираа темата за загадувањето на воздухот, жестоко реагирајќи на социјалните мрежи дека чувствуваат мирис на чад во воздухот и дека забележуваат како се палат диви депонии и опасни канцерогени материјали. Не е грејна сезона, ама во населените места како Сарај, Нерези, Шишево, Крушопек секојдневно се чувствува загадениот воздух, како последица од горењето разни пластики и гуми. По социјалните мрежи граѓаните постојано поставуваат слики од овие настани, истовремено се жалат и на непријатната миризба што се шири и навлегува во нивните домови. Надлежните велат дека одговорните инспектори постојано прават контроли и дека преземаат соодветни мерки. Но ако беше така, одамна ќе го снемаше чадот од кејот на Вардар, кој доаѓа од дивата населба спроти поранешната градска плажа. На загаден воздух сѐ уште се жалат и жители од општината Аеродром, кои исто така сметаат дека се горат разни материјали и диви депонии покрај Вардар.

– Во летниов период на сите ни се отворени прозорците и речиси секое утро се будиме со вдишување загаден воздух. Очите штипат, градите болат, а не можеме да ги затвориме прозорците на овие горештини ако немаме клима-уред. Ова не е хумано, во летно или зимско време да не може слободно да се дише – вели жителка од општината Аеродром.

Од невладината иницијатива „О2“ неодамна објавија слики на кои се гледа палење на недозволени материјали во општината Кисела Вода. Тие наведуваат дека градот мириса на изгорени токсични и канцерогени материјали.
– Како да се малку жештината и мирисот од асфалтот и ѓубрето, па уште и овој добро познат мирис, кој преку цела година нè труе сите. Трансгенерациски мутации, генетски изменето поколение, оштетување во сите системи, од нервен, имун, хормонален, репродуктивен. Канцерогени материи наталожени во организмот, тоа сме ние, жителите на Скопје. Не се само познатите локации покрај Вардар во Карпош, Центар, Гази Баба – Вардариште, Ќерамидница, каде што се тера нелегален бизнис на горење кабли, гуми и слично за бакар, железо и други метали. Ги има и во Кисела Вода – наведуваат „О2“ во нивната објава.

Од општината Кисела Вода нѐ информираа дека изминатиов период, од почетокот на март годинава досега, немаат добиено поплаки од граѓани за непријатна миризба или запалени материи на територијата на општината. Според нив, за загаденоста на воздухот граѓаните постојано реагираат во зимскиот период, кога таа најмногу се чувствува. Исто така не вршат ни мерења за загаденоста на воздухот, бидејќи немаат мерни инструменти.

– Нема утро без да се пали и чади. Секојдневно загадување на Скопје, од Сарај, Нерези, Шишево и Крушопек – вели на својата фејсбук-објава Влад Иксомуан.
Граѓаните велат дека Кисела Вода е само една од општините во кои може да се забележи палење недозволени материи и загадување. Истото тоа го потврдуваат и од општината Карпош. Оттаму кажуваат дека имаат жалби и поплаки од граѓаните за загаден воздух на кејот на Вардар, во близината на Бардовци кон општината Ѓорче Петров.

– Во неколку наврати летово, на пример предминатата недела, кон периферијата на Бардовци, во општината Ѓорче Петров, имавме реакции од граѓани за непријатна миризба и чад што го загадуваат воздухот поради палење сметиште од несовесни граѓани. Нашите инспекциски служби и овластениот инспектор за екологија веднаш излегоа на терен и реагираа, при што побаравме помош и од Министерството за внатрешни работи. За вакви несакани случаи имаме постојани секојдневни контроли на целата територија – велат од општината Карпош.
Од општината додаваат дека имаат поставено и мониторинг-станица, која постојано го мери квалитетот на воздухот. Оваа станица им овозможува на надлежните од општината во секое време да бидат информирани за степенот на загаденост и веднаш да реагираат.

– Најчесто реагираме и на дојава на граѓани за загадување или зголемена бучавост, при што споменатите инспектори веднаш излегуваат на терен и ги преземаат сите законски пропишани мерки и санкции – велат од општината Карпош.
Иако одговорните тврдат дека вршат постојани контроли и дека ги преземаат сите законски мерки, граѓаните сепак бурно реагираат дека загадувањето продолжува. Палењето гуми и пластика, дури и во попладневните часови на најголемите жештини, повторно се случува.