Иновациите против загадувањето – кој ќе победи

415
Фото: Маја Јаневска-Илиева

На иновативни решенија, односно производи што би помогнале во намалувањето на загадувањето на воздухот, повеќе од една година работат пет фирми на кои Фондот за иновации и технички развој во 2017 година им доделил финансиска помош во вкупна вредност од 140.000 евра. На отворениот конкурс за иновативни решенија, кои ќе помогнат во намалувањето на загадувањето на воздухот, се пријавиле вкупно 30 фирми, но пари добиле само пет. Ќе понудат ли иновациите излез од досегашната безизлезна ситуација?

Речиси како по правило, загадувањето на воздухот е најголемо, по завршувањето на работниот ден, во попладневните часови, како и во текот на ноќите. Завчеравечер во Скопје се регистрирани приближно 400 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички. Во Центар концентрациите биле над 300 микрограми, достигнувајќи до 398 во 22 часот. Концентрациите на загадувачките ПМ-честички почнуваат да опаѓаат по 23 часот, а вчераутро во 8 часот се измерени 51 микрограм. Високи концентрации со над 300 микрограми во текот на ноќта се забележани и на мерната станица кај Ректорат. Најпрвин од над 200 микрограми во 16 часот, додека во 23 часот достигнале 375 микрограми на кубен метар, а последното мерење покажува 81 микрограм. На мерната станица Бутел највисоката концентрација е 233 микрограми, а вчераутро се измерени само 71 микрограм на метар кубен. Во Карпош се регистрирани концентрации од 136 до 187 микрограми на кубен метар. И вчера во Скопје се дишеше загаден воздух, а во Струмица веќе се во сила препораките и мерките против загадувањето, бидејќи во претходни два дена е надминат прагот на алармирање на ПМ 10 честичките од 200 микрограми на кубен метар. Но до кога надлежните ќе чекаат два дена, во кои ќе дишеме загаден воздух, и ништо освен мерки да не преземаат. Не е доволно само да се ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар… Животот не се состои само од одење на работа, воздух се дише постојано, а токму овој загадениов, кој го дишеме, е причина за спонтани абортуси, а според мислењето на советниците за здравје од некои странски невладини организации, ПМ-честичките можат да предизвикаат дури мутации на ДНК-молекулите. Јавноста сѐ уште не може да се соземе од сознанието што го откри советничката во општината Центар, професорка на Медицинскиот факултет во Скопје и раководителка на Институтот за физиологија, Бети Дејанова, откако со експеримент од плунка земена од повеќе лица обелодени дека резултатите покажале оти излегува како сите да работат во рудници за олово. Таа кажа дека е невозможно да се одреди кој е пушач, а кој е непушач од примероците на плунка што ги дале при обичен рутински студентски експеримент.

Токму поради сериозноста на проблемот со згадувањето и неговото влијание врз здравјето потребни ни се сериозни мерки и решенија, а не привремени интервентни мерки со минимални резултати. Сѐ уште експериментираме во оваа област, а потребно ни е итно решавање на проблемот. На иновативни решенија, односно производи што би помогнале во намалувањето на загадувањето на воздухот повеќе од една година работат пет фирми на кои Фондот за иновации и технички развој во 2017 година им доделил финансиска помош во вкупна вредност од 140.000 евра. На отворениот конкурс за иновативни решенија, кои ќе помогнат во намалувањето на загадувањето на воздухот, се пријавиле вкупно 30 фирми, но пари добиле само пет, кои работат на производство на индустриски филтер, соларен колектор што загрева воздух, потоа средство за прскање и уништување на ПМ-честичките, за интернет-портал што ќе прави пресметковна анализа за смена на системи за загревање и електричен велосипед, кој прочистува воздух. Во комисијата што го направила изборот на компаниите бил и градот Скопје, па оттаму пред два дена ги прашавме надлежните дали планираат да применат некое од овие иновативни решенија, но не добивме никаков одговор.

Од Фондот за иновации и технолошки развој велат дека мора да се поттикнуваат иновациите и за тоа да се инвестира. Иновации да, но не е доволно само да се реализираат проекти за спас од загадувањето. Тие имаат многу мал придонес во решавањето на големиот проблем со загадувањето.

– По понудените иновативни предлог-решенија на учесниците, комисија одлучува кои од нив треба да добијат пари. Комисијата е составена од повеќе членови од различни институции, има странци, потоа претставници од министерството за животна средина, од градот Скопје, УНДП, од невладини организации – објаснуваат од Фондот за иновации.

Според нив, мисијата на Фондот за иновации и технолошки развој е поттикнување и поддршка на иновациската дејност во микро, малите и средните претпријатија за остварување забрзан технолошки развој, базиран на трансфер на знаење, на истражување за развој и на иновации.

Една од фирмите што добила грант од 31.000 евра за иновативен филтер што го намалува загадувањето од фабриките е „Технобен“ од Прилеп. По неа е „Еко солар“ од Штип, која со 28.000 евра треба да дојде до решение за соларен колектор што загрева воздух, но и по една година тој сѐ уште не подготвен за употреба. За врвно средство што може да прска на различни површини за да ја сузбие прашината, компанијата „Бизифај“ добила 30.000 евра. Досега се направени само испитувања во повеќе лаборатории и тест врз почва од РЕК „Битола“, а утврдено е дека ПМ-честичките биле исчистени. Во развојна фаза е и интернет-порталот што треба да го изработи компанијата „Технолоџи парк“ со добиените 24.000 евра, а треба да нуди некаква пресметковна анализа за промена на поекономични системи, кои исто така би помогнале во намалување на загадувањето. Последна е компанијата „Венито комерц“ од Кавадарци, која за иновацијата на електричен велосипед со вградени филтри за прочистување на воздухот добила 27.000 евра. Сите овие корисници на буџетските пари сѐ уште немаат финален производ или, пак, сѐ уште ги тестираат своите производи. Кон крајот на февруари ќе биде комплетно готов за сериско производство електричниот велосипед со вградени филтри за прочистување на воздухот.

– Во преговори сме со неколку компании за да го произведуваме овој велосипед, кој го прочистува воздухот, а летово веројатно ќе биде во продажба. Станува збор за прототип на електричен велосипед што ќе го прочистува воздухот, односно како што се движи оној што го управува, проактивните филтри ја прочистуваат неговата траекторија. Овие филтри можат да се вградат и на детските велосипеди. Велосипедот има кодирано заклучување, односно тој е еден цел концепт. Ваков постои и во Шпанија. Велосипедот нема многу да помогне во целосното расчистување на загадениот воздух, но секако ќе даде придонес, ако се користи како јавен транспорт. Затоа ние ќе им го понудиме и на општините, кои за малку пари би можеле да им го изнајмуваат на граѓаните – вели Тошко Ристов, сопственик и носител на проектот на „Венито комерц“.

Тој додава дека сите оние што добиле финансиска помош за своите иновации подлежат и на санкции, односно доколку не ги исполнат обврските од договорите ќе мора и да ги вратат парите. Претставници од Фондот за иновации вели дека им вршат квартални контроли до каде се со проектите.

Не е спорно да се вложува во иновативни решенија и треба државата да го прави тоа. Но многупати досега кажавме дека загадувањето е проблем број еден, загадениот воздух нѐ труе сите и токму затоа не може допрва да се чекаат овие иновативни решенија, кои се само мал придонес во намалување на големината на проблемот. Суштината е децата да возат велосипеди на чист воздух.