Завршија пролетните акции за зазеленување

744

Од градот Скопје информираат дека заврши нивната пролетна акција за зазеленување на метрополата. Со оваа активност се засадени дрвореди од 42 висококвалитетни садници јавор покрај булеварот 8 Септември и 20 садници бреза во средишната жардиниера. Точно 40 садници беа насадени во Центарот за рехабилитација во Капиштец и со тоа беше заокружен овој проект на градот. Висококвалитетни садници се садеа и претходно со поединечни акции од ваков тип. И тие беа организирани од страна на градските власти, а насадени беа 4 илјади нови фиданки, висококвалитетни дрвја. Според планираното, наесен ќе се насадат уште 8 илјади садници. Заедно со општините, градот се надева да стигне до 20 илјади насадени дрвја, заклучно со оние планирани садници за садење наесен.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, изјави дека зазеленувањето останува на врвот на приоритетите на градската администрација. Тој истакна дека се садело во сите општини, а и потсети на акцијата „Дрво за секое дете“. Дополнително, Шилегов истакна дека градските власти си зеле обврска пред граѓаните да го вратат изгубеното зеленило.

Претходно и повеќе скопски општини организираа пролетни акции за засадување и раззеленување на околината. На територијата на општината Аеродром, во соработка со јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ беа засадени 500 дрвја. Станува збор за висококвалитетни повеќегодишни садници од видовите јавор, каталпа, јасен, чинар, брест, јапонска цреша, ликви дамбар, декоративна јаболкница, липа, црвен даб и лириодендрон. Дрвјата беа засадени на повеќе различни локации во оваа општина, односно во близината на последната автобуска станица на линијата број 5, покрај булеварите АСНОМ, Видое Смилевски-Бато, Јане Сандански, Србија, Трета македонска бригада и на улицата Васко Карангелевски. Засадени се и околу 60 садници во околината на улиците Коста Новаковиќ и Вангел Тодоровски.

Дополнително, се работело и на садење 50 садници во дворот на основното училиште „Александар Македонски“, кои се очекува да придонесат за подобрување на животната средина во овој дел од оваа локална самоуправа. Садниците од видовите дуглазија и црн бор, кои се насадени во училиштето, се донација од јавното претпријатие „Македонски шуми“.
Слична ваква акција спроведе и општината Карпош, каде што најмладите жители на општината учествуваа во акција за раззеленување на училишниот двор на основното училиште „Аврам Писевски“. Од Карпош тогаш кажаа дека еден од нивните приоритети се дворовите на основните училишта во оваа локална самоуправа да прераснат во уредени зелени градини и да се користат за спорт и рекреација на најмладите. Во изминатиот период беа засадени и нови дрвја и зеленило во основните училишта „Вера Циривири-Трена“, „Јан Амос Коменски“ и „Петар Поп Арсов“.