Ередоски: Се изгуби курсот за човечките вредности

262

Политизираноста на општеството и негрижата за младите допринесе за да се загуби курсот на човечките вредности, смета Ашмет Ередоски од „Националниот ромски центар“. Пред почетокот на денешниот марш на толеранцијата организиран од Хелсиншкиот комитет за човекови права а посветен на едукцијата и образовниот систем и насилството, Ередоски рече дека насилството расте и дека нема добра политичка волја за системски да се реши проблемот.

– Ако продолжиме вака насилството ќе расте. Потребна е итна политичка волја да ги вратиме вистинските вредности, меѓуетничката толеранција, почитта и љубовта. Во спротивно миграцијата ќе продолжи а насилството меѓу младите ќе стане секојдневие. Посакувам да работиме на враќање на почитта и да престане секој вид на дискриминација, и ова не се однесува само за Ромите туку за сите што живееме во оваа наша мултиетничка држава – рече Ередоски.

Маршот на толеранцијата беше поддржан и од неколку други граѓански организации како „Маргина“, „Цивил“, „Националниот ромски центар“ и други. Поддржувачите и активистите маршираа од Музејот на град Скопје, преку улицата Македонија до  платото пред Универзитетот на ЈИЕ во Старата скопска чаршија.