Ем испрскани на дождот, ем тешко да го докажат тоа

307
Фото: Дарко Андоновски

Во овие врнежливи денови често се случува некој од оние што пешачат на дождот да биде испрскан или, пак, целосно облеан со дождовница од некој голем вир додека покрај него поминал автомобил. Ова најчесто го прават оние што возат со неприспособена брзина, а дел од граѓаните имаат впечаток дека некои возачи тоа го прават и намерно. Пешаците се бесни по сето ова и не знаат како да го казнат оној кој им го направил тоа. Факт е дека најголем дел се затечени во моментот, а потоа размислуваат дали можеби требале да ја запишат регистарската табличка и да го пријават сторителот. Доколку се доживее ваква непријатност постои закон со кој возачот може да биде казнет парично или со впишување негативни поени, само ако настанот се докаже. Во спротивно, граѓаните се ем испрскани, ем тешко можат да го докажат тоа ако немале сведок, кој е пожелно да биде сообраќаен полицаец.

– Навистина ме нервира кога ќе ме испрска некој на улица. Во врнежливи денови многу сум внимателна и ги загледувам автомобилите, бидејќи знам дека може да бидам испрскана. Гледам дека возат побрзо кога условите не го дозволуваат тоа или едноставно не мислат на нас пешаците. Дали со чадорот да се штитам од дождот или од автомобилите. Знам дека можам да го пријавам возачот и дека имам законско право, но кој да се занимава со сета таа процедура. Најчесто нема полиција кога ќе ви се случи некој автомобил да ве облее со дождовна вода. А возачите едноставно заминуваат без да се завртат да видат што направиле. Искрено, од нервоза ми доаѓа автомобилот на возачот да го мавнам со чадор – вели Хадиа Ага.

Според Законот за безбедност на сообраќајот, возач кој вози по коловоз каде што има вода е должен да ја приспособи брзината за да не ги испрска пешаците, велосипедистите и мотоциклистите. Доколку возачот постапува спротивно на одредбите од овој член, се предвидува казна во износ од 35 евра, односно регистрирање на 15 негативни поени. Но несовесните возачи не можат туку така да се казнат и едноставно да се пријави бројот од регистарската табличка на автомобилот што ве наводенил. Потребно е утврдување на прекршокот и докази за стореното.

– Во согласност со Законот за прекршоци (Сл.весник на Р.М. бр.124/15), доколку прекршокот е утврден од страна на полициски службеник, лично или со помош на соодветни технички средства, полицискиот службеник составува записник и на сторителот му издава мандатен платен налог за уплата на предвидената глоба. Во случај кога прекршокот не е констатиран од страна на полициски службеник или со помош на соодветни технички средства, пешакот може да поднесе пријава во Полициска станица. Се составува записник за прием на пријава, по која доколку се обезбедат потребните докази, на сторителот на прекршокот ќе му биде издаден мандатен платен налог во согласност со наведената процедура – велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Тоа значи дека за да бидат казнети несовесните возачите мора да бидат фатени во моментот кога го извршуваат делото. Казнувањето е можно ако возачот го запре возилото или, пак, ако полицаец биде сведок на настанот. Сообраќајниот полицаец мора на самото место да го констатира тој прекршок. Ако нема полицаец во близина, може да се пријави случајот во полиција доколку возачот ја признае вината или постои сведок за настанот.

– Постапката за пријавување на возач кој постапил несовесно во случај кога на коловозот има вода е констатирање на прекршокот од полициски службеник со пријава на оштетен и сведок на настанот – објаснуваат од Министерството за внатрешни работи.

[email protected]