Едни не плаќаат, други прашуваат колку ќе платат

994
Некои родители откако платиле ја добиле информацијата дека не треба да плаќаат

Ослободувањето на родителите од надоместокот за градинка е дел од економските мерки за многу од родителите што останаа без работа или, пак, се со минимални месечни примања. Општините како основачи на детските градинки се тие што ќе треба да ја утврдат цената на услугата за периодот на вонредната состојба во земјава

Разлики околу партиципацијата за градинките

Некои од општинските совети во Скопје донесоа одлуки за ослободување на родителите од трошоците за градинка за периодот на вонредната состојба во земјава и, како што информираа, изгласале нула трошоци. Општината Ѓорче Петров беше прва во донесувањето ваква одлука, при чие донесување советниците ја зедоа предвид ситуацијата со коронавирусот, кога градинките беа затворени за прием на деца. Ослободувањето на родителите од овој надоместок е дел од економските мерки за многу од родителите што останаа без работа или, пак, се со минимални месечни примања. Како што и претходно пишуваше „Нова Македонија“, од Министерството за труд и социјална политика кажаа дека општините како основачи на детските градинки се тие што ќе треба да ја утврдат цената на услугата во градинките.

Но немаат одлучено сите општини колкава ќе биде сумата што ќе треба да ја платат родителите. Други, пак, се прашуваат дали воопшто ќе се плаќа или нивната општина ќе го следи примерот на оние што досега одлучиле партиципацијата да биде нула денари.
– Советот на Општина Ѓорче Петров донесе одлука за ослободување на родителите од надомест за трошоците за градинката што е на нејзина територија за периодот на вонредната состојба во државата. По иницијатива на управниот одбор од градинката „Росица“, а со поддршка од градоначалникот Александар Наумовски, први и единствени во земјата изгласавме нула трошок. Додека дечиња седат дома, а градинките се затворени, повторно им излегуваме во пресрет на граѓаните. Нема простор за дилема кога станува збор за вакви ситуации.

Централно и локално, со сите сили се обединуваме да ги намалиме трошоците на семејствата кога семејните буџети трпат последици од ковид-19. Остануваме посветени во борбата за ублажување на последиците од коронавирусот. Сите одлуки што ги поддржува советот се во насока на подобрување на животот на граѓаните – рекоа од Општина Ѓорче Петров, откако советот ја донесе одлуката за ослободување на родителите од плаќање надомест за трошоците за градинка.
На страницата „Ѕид на општина Гази Баба“, Алекс Алекс напиша: „Ќе има ли ослободување од плаќање на градинките за периодот на кризните мерки, по примерот на другите општини, или ќе треба со 9.000 плата да плаќаме?“

Од општината велат дека пред две недели ја почнале постапката заедно со градинките за укинување на плаќањето на сметките за месеците во кои децата не посетуваа градинка поради состојбата со коронавирусот. Оваа одлука беше разгледана на седницата на советот во петокот и доби зелено светло од советниците. Родителите беа ослободени од надоместокот за трошоците за престој во градинка, а донесената одлука ќе важи за периодот од затворањето на градинките до денот на нивното повторно отворање, односно од март, па додека трае вонредната состојба. Но некои од родителите веќе ги платиле сметките и однапред си ги дале парите, па реагираа дека одлуката на советот на Гази Баба е задоцнета.
– Откога ги плативме сметките, сега донесовте одлука да не се плаќа – напиша на социјалните мрежи Александра Тана Дамчевска Лазаревска.

Од Општина Центар ни рекоа дека откако и правните одбори на центарските градинки ги доставиле предлог-одлуките за плаќање партиципација, советот на Општина Центар ќе одлучува на седница за тоа дали и колку ќе се плаќа за овој период. На седницата на советот што се одржа во четвртокот имаше точка на дневен ред Предлог-одлука за утврдување на висината на надоместокот за престој на деца во јавните установи – детски градинки на територијата на Општина Центар, по која беше одлучено дека родителите ќе треба да платат по 521 денар месечно од април до отворањето на градинките. И пред оваа одлука, родители чии деца посетуваат градинки во општина Центар биле информирани дека треба да платат по 521 денар за месеците април и мај.
Од Општина Карпош образложија дека надоместокот за градинка е системско решение донесено од највисоката извршна власт (централната).

Токму затоа тие тврдат дека само Министерството за труд и социјална политика може да донесе одлука за укинување или привремено ослободување од плаќање. Таква моќ немаат ниту локалната власт, ниту управните одбори на градинките, чии одлуки секако не се посилни од оние на ресорното министерство. Тоа практично значи дека би требало да се плати оној минимум надоместок од 521 денар, колку што се плаќа и во летен период, кога децата не посетуваат градинка, но се минимум надоместоци за намирување на основните трошоци за функционирање на овие предучилишни установи.