Доградбите во расчекор со инфраструктурата

220
Зградите во Автокоманда проширени и обновени, но без нови паркинг-места - Фото: Игор Бансколиев

Станари од некои обновени и надградени згради, чија катност е дури и тројно зголемена, поставуваат прашања како никој не го предвидел капацитетот на паркиралиштата и на инсталациите за струја или вода. Уште посериозни се прашањата за сеизмиката на ваквите објекти, издржливоста на старите темели, кои биле предвидени само за два или три, а не и за шест ката

Старите и обновени станбени згради со зголемена катност и нови фасади ги разубавуваат населбите, бидејќи се однадвор реконструирани, со нов изглед и освежени со нови бои. Но се поставува прашањето дали е доволно зградите да се разубават и надградат, без притоа да се разгледаат сите урбанистички решенија за капацитетот на инсталациите, паркиралиштата… За жал, на сево ова сосема малку внимавале во некои од општинските администрации, а тоа, пак, им создава низа урбани проблеми на граѓаните што живеат во ваквите згради. Токму поради двојно зголемената катност на ваквите објектите, речиси и двојно е зголемен и бројот на станарите. Тоа, пак, никако не соодветствува со непроменетиот паркинг-простор, бидејќи станарите од еден надграден објект сега имаат двојно поголеми потреби за паркирање. Ако старите станари веќе си „резервирале“ свои места, сега нема каде да ги паркираат своите автомобили оние што се вселиле во надградените катови, бидејќи паркингот останал со непроменета површина.

Во некои од ваквите објекти често е проблем и капацитетот на електричната или водоводната мрежа, како за староседелците, така и за новодоселените станари. Речиси нема општина во градов каде што не се применува оваа практика, старите згради да се обновуваат со надградување на катноста, која некаде е тројно поголема. Во некои од зградите, доколку немале претходно, се вградуваат и лифтови. Станари што живеат во вакви надградени објекти констатираат низа проблеми со кои секојдневно се соочуваат. Некои од нив поставуваат прашања како никој не го предвидел капацитетот на паркиралиштата и на инсталациите за струја или вода.

Уште посериозни се прашањата за сеизмиката на ваквите објекти, издржливоста на старите темели, кои биле предвидени само за три, а не и за шест ката или проширувања на средните катови и секакви други изведби што ги прават приватните инвеститори. Со вакви проблеми се соочуваат станарите од скопската населба Автокоманда. Станува збор за старите таканаречени егејски предземјотресни згради, чии балкони станале соби, а предниот дел на објектите со надградбата и реконструкцијата зазел и дел од парковските површини, кои и претходно не беа големи и доволни дури и кога зградите не беа надградени. Така, сега поради зголемениот габарит на зградите дури и во должина и во ширина, се чини дека уличките се стесниле, а паркиралишта за станарите како и да нема. Ваков пример се и зградите во населбата Топаанско Поле на улицата Благое Паровиќ, над која како да висат балконите на дел од обновените згради, а по улицата не можат да се разминат два автобуса на линијата со број 9.

– Не можеме, а да не се жалиме на сите урбани проблеми со кои се соочуваме постојано. Еве, веќе третпат се случува да пукаат водоводни цевки, на улицата Ташко Караџа, бидејќи не издржува капацитетот на водоводната мрежа. Бројот на станарите тројно се зголеми. Не може да биде доволен капацитетот на старите паркиралишта кај зградите пред амбулантата, кај ОУ „Стив Наумов“, па поради тоа граѓаните се паркираат по тротоарите, по улиците, па не можат да се разминат две возила. Поради ваквите проблеми дел од оние што купиле станови во надградените катови на зградите сега ги продаваат и бегаат од населбата, токму поради ваквите проблеми – вели жител од Автокоманда.

Фото: Игор Бансколиев

Поради тоа жителите прашуваат кој дозволува да се прават вакви надградби без да се предвидат сите други урбанистички решенија.
– Имаше само четири стана во нашата зграда, значи десетина станари, а сега можеби има дваесет стана и седумдесет станари. Мојот сопруг нема каде да го паркира автомобилот, па честопати го остава на паркинг во населбата Железара, па се случува да го најде оштетен. Зградата ни беше со приземје и кат, а сега откако надградија неколку ката забележувам кога готвам некогаш шпоретот ми е појак, некогаш послаб, па се прашувам дали е до него или до струјата – вели жителка од улицата Ташко Караџа во Автокоманда.

Но од општината Гази Баба не ни одговорија дали сите овие елементи за кои сега се жалат граѓаните претходно биле разгледани, пред да им издадат градежна дозвола на инвеститорите за надградба на објектите. Вакви згради со надградена катност има и во општината Аеродром, близу основното училиште „Блаже Конески“, па ги прашавме во локалната самоуправа кој ја проверува сеизмиката на овие згради и колку општинските урбанисти се вклучени во целокупните решенија за ваквите објекти да ги задоволат сите потреби на граѓаните, пред да им издадат одобренија за градба на приватните инвеститори.

– Општината Аеродром во сегашниот кадровски состав не издала ниту едно одобрение за надградба во населбата Мичурин. Сите дозволи се издадени пред 2005 година, односно пред формирањето на општината Аеродром. Инаку, општината Аеродром има направено детален урбанистички план за тој опфат, во кој ги прошири капацитетите за паркирање. Планот во целост одговара на стандардите и нормативите предвидени со Правилникот за планирање на просторот – велат од општината Аеродром.

Од општината Карпош, пак, информираат дека во согласност со предвидениот развој во деталниот урбанистички план, можна е евентуална надградба и доградба на објекти, при што е потребно да се почитуваат одредбите дадени за стационарниот сообраќај. Како што велат, тоа значи обезбедени паркинг-места во согласност со прописите, во општите и посебните услови во зависност од горенаведената планска документација.
– За каква било интервенција е потребно да се поднесе барање за одобрение за градба што подразбира прибавување позитивни мислења од надлежни институции (потоа од ЕВН, водовод и сличните јавни претпријатија). Во текот на истата постапка е задолжително да се добие позитивно мислење, односно потврда од ИЗИС (сеизмиката) за конструктивниот систем. Доколку сите позитивни мислења се прибавени, во согласност со законската регулатива, општината е должна да издаде одобрение за градење, доколку е предвиден развој во урбанистичко-планската документација – објаснија од Карпош.

Фото: Игор Бансколиев