Дивите пазарџии се преселија пред поликлиниката на Бит-пазар

294
Секој вторник и петок на тротоар се продаваат овошје и зеленчук - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дивите продавачи на Бит-пазар зазедоа нова територија и сега секој вторник и петок организираат цел пазар пред поликлиниката на Бит-пазар. На земја, во канти и на картонски кутии, се продаваат прехранбени производи, односно овошје и зеленчук. Кокошките и гулабите исто така се нудат на продажба, токму пред поликлиниката.
Во продолжение, кон автобуските станици, на картонски кутии се продаваат текстил и разни дреболии, па тротоарот е узурпиран по целата должина. На дел од него се извршуваат градежни работи, најверојатно за изградба на велосипедски патеки, па пешаците навистина се во потрага по слободен простор. Кога и да поминат скопјани на тој дел од градот, постојано се слушаат коментари од типот дека градоначалникот Шилегов ги избрка дивите продавачи од едната, а тие се преселија на другата страна на Бит-пазар. Но ваквите појави не се задача само на градскиот татко и инспекторите, бидејќи треба да ги забележуваат комуналните, но и пазарните инспектори. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека за ваквите производи, дури и на организираните зелени пазари, тие законски не се надлежни и додаваат дека ова е задача на комуналните инспектори.

Неодамна инспекција на општината Центар, по претходна опомена и известување, спроведе акција за отстранување на диво поставените тезги и дивите препродавачи околу зеленото пазарче. Но во општината Чаир некако стана легално узурпирањето на јавниот простор по тротоарите, било да се диви продавачи или угостители или локалните продавници. Ако се санкционираат оние што го кршат законот, сигурно нема да се дозволи вакво нешто. Од градот велат дека конкретно за просторот пред Бит-пазар беа спроведени поголем број акции од страна на координираните инспекциски служби, а со поддршка на еснафот на Старата скопска чаршија и Комората на трговци на Република Македонија.

– Инспекторатот на Градот Скопје, во соработка со инспекциските служби на Државниот пазарен инспекторат и општинските инспекциски служби, изминатиов период интензивно работи на ослободување на јавните површини што се узурпираат од страна на т.н. диви продавачи. Оваа година беа спроведени голем број координирани акции за отстранување на дивите тезги пред големите зелени пазари, а беа отстранувани и возилата на нелегалните продавачи од повеќе локации. Како институции ние имаме законска обврска да ги ослободиме улиците и тротоарите од сѐ што му пречи на нормалното одвивање на сообраќајот, во кој учествуваат моторните возила, велосипедистите и пешаците – додаваат од градот.

Тие велат дека покажале разбирање за трговците што работат на овие нелегално поставени тезги, па затоа, во соработка со „Скопски пазар“, им беа обезбедени и понудени на користење тезги во рамките на Бит-пазар, под одредени поволни услови. Тие првите два месеци можеа да ги користат бесплатно, а потоа да работат со истите услови како и другите.

Градските власти додаваат дека во соработка со сите преостанати надлежни институции, ќе продолжат да дејствуваат во насока на сузбивање на оваа појава, во согласност на своите законски надлежности и ингеренции, за подобрување на животот на сите жители на Скопје.