Деца ќе градат во чест на Скопје

184

„Го градам мојот град“ е манифестацијата што традиционално детскиот културен центар „Карпош“ ја организира во чест на градот Скопје, а е посветена на најмалите од предучилишните установи. Секоја градинка ќе ја претставува екипа од по пет деца, објектот што ќе го осмислат или одберат да се гради е по нивен избор.

Градежниот материјал што ќе го користат децата за макетите е исто така по нивен избор и може да користат сѐ што сакаат, како коцки, цртежи, природни материјали, лисја, дрвца, камчиња, сѐ што нуди природата.

– Оваа манифестација има за цел да ги истакне детските творечки способности и детската креативност, а наедно и поопширно да ги запознае децата колку големо значење има празникот 13 Ноември за градот Скопје – објаснуваат од ДКЦ.
Манифестацијата „Го градам мојот град 2019“ ќе се одржи во просториите на детскиот културен центар „Карпош“, денеска, со почеток од 10 до 11 часот. Како што информираат од ДКЦ за градинките учесници на оваа манифестација ќе има симболични подароци во знак на благодарност и соработка.