Детската клиника доби дневен центар за болни од рак

47

Дневен центар за психосоцијална поддршка на децата заболени од малигни болести е отворен на Универзитетската клиника за детски болести по иницијатива од здружението „Борка – за секој нов ден“. Центарот е наречен „Собата на Жозеф“, а целта на неговото постоење е децата полесно да минат низ процесот на лекување на ракот, како и да се надмине стигмата дека ракот е неизлечива болест.

Центарот, истовремено, на децата со малигни заболувања ќе им овозможи психосоцијална помош и поддршка, која најмногу ќе им значи и на нивните родители. Исто така во центарот за психосоцијална поддршка на децата и на нивните блиски од семејството ќе им се овозможи, покрај другиот третман, да имаат и пристап до семеен терапевт. Тој ќе им нуди стручна помош што е од исклучителна важност во лекувањето на ракот како и во евентуалното излекување на оваа тешка болест.

Центарот ќе ангажира учителки, кои ќе им помагаат на болните деца во учењето, бидејќи некои од децата ќе бидат на лекување со месеци и поради тоа се отсутни од своите училишта, а потоа тешко можат да им се вратат на обврските затоа што пропуштаат многу од редовната настава. Осум учителки од училиштата во општината Центар ќе ги посетуваат децата.

На овој начин децата во центарот со ангажираните учителки ќе добијат дополнителна надеж дека ќе оздрават и еден ден ќе се вратат во училишните клупи заедно со своите другарчиња. Во топол и чист амбиент, децата ќе имаат свое катче, каде што волонтерите ќе рганизираат разни активности и игри. На дечињата на тој начин ќе им се оттргне вниманието од разните испитувања, боцкања, болки и грижи додека престојуваат во болницата.

На отворањето на центарот вчера присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, кој кажа дека психосоцијалната помош и поддршка се составен дел на секое лекување и дека треба соодветно и системски да се пристапи за тоа да се воведе како нов метод, кој ќе се примени особено кај најмладите пациенти за полесно да ги пребродат деновите поминати на клиниката.

– Психосоцијалната поддршка во многу современи земји е составен дел од секое лекување. Во центарот преку игра, преку разговор, преку соодветни часови на децата ќе им биде овозможено полесно да ги поминат деновите во болница и да ги надминат своите најтешки мигови. Истовремено работиме на реновирање на еден простор, кој ќе биде соба каде што ќе се сместат родителите од внатрешноста, а чии деца се лекуваат на клиниката – рече Филипче.

Министерот нагласи дека планираат да воведат психосоцијална поддршка и за другите онколошки пациенти.

Претседателката на здружението „Борка“, Биба Додева, истакна дека станува збор за прв таков голем проект, кој на почеток ќе трае една година, а изрази надеж дека ќе продолжи и натаму.