Дебатата за гасоводот ќе биде пренесувана во живо

45

Во живо ќе се пренесува дебатата на надлежните државни органи и граѓанските здруженија за изградба на гасоводот на Водно што ќе се одржи утре во Советот на Град Скопје, соопшти денеска градоначалникот Петре Шилегов.

Дискусијата ќе биде јавна и секој заинтересиран ќе може да дојде и да го каже своето мислење.

Според Шилегов, граѓаните реагираат на  спроведувањето на постапката за гасификација, но таа е завршена во 2016 година. Градот, нагласи, е исправен пред правосилно решение.

– Очекувам во текот на утрешниот ден да го почнеме процесот на соочување факти и аргументи.  Од средбата ќе има пренос „лајф стрим“ и верувам дека сите медиуми ќе му дадат значење. Мислам дека така главните поенти од таа дебата можат да бидат пренесени на сите национални, регионални и локални телевизии. Така видливоста би била поголема отколку да има дебата на некоја телевизија со национална концесија, рече Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата  во СУГС „Орце Николов“.

Според него, на средбата ќе присуствуваат директорот на МЕР и министерот за транспорт и врски.

– Ниту Градот, ниту Министерството за животна средина не се органи кои го водат тој проект.  Градот Скопје ниту го изведува тој проект, ниту го финансира. Но, само заради тоа што станува збор за Водно ќе ги отвориме вратите на градското Собрание и сите заинтересирани ќе можат да дојдат и да го кажат своето мислење, истакна Шилегов.

На прашање дали постои можност за друга траса, Шилегов рече дека Градот Скопје не ја дефинира трасата на гасоводот.

– Целата постапка на издавање на градежната дозвола е завршена во 2016 година. Таа состојба ја затекнаа и надлженото Министерство, МЕР и Градот Скопје. Имаме ситуација на правосилно решение, на спроведена постапка согласно законските прописи. Квалитетот на спроведувањето на постапката е нешто на што приговараат граѓанските активисти, меѓутоа фактичката состојба е таа, рече скопскиот градоначалник.

Како градоначалник, дополни, е должен да ги има предвид обврските на државата кон гасификацијата, но и финанските обврски кои ги има државата по однос на кредитот за гасификацијата.