Да се смени трасата за гасоводот побараа граѓаните на дебатата за Водно

64
Според граѓаните, уништени се 150 илјади квадратни метри шума на Водно Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со директен пренос што можеа да го следат и граѓаните, вчера почна дебатата на градот Скопје за изградбата на гасоводот на Водно. Откако градоначалникот на Скопје Петре Шилегов соопшти дека се запрени сите градежни активности во срцето на планината, закажа јавна дебата. На неа покани претставници на надлежните државни органи, како и граѓански здруженија и асоцијации, кои во јавноста постојано реагираа за запирање на маскарот на планината.

И вчера на почетокот на дебатата, граѓаните што излегоа на говорницата кажаа дека не знаат и не им е јасно зошто не се менува трасата на Водно. Говорниците рекоа дека не ги спорат бенефициите од гасоводот, но велат дека во прашање е сечењето на шумата на Водно. Претставници на граѓански асоцијации прашаа на кој начин тие ја спречуваат изградбата на гасификацијата, ако само бараат мрежата да не поминува низ Водно, кое претставува еколошко заштитено подрачје.

Се пожалија дека барем досега не виделе да се направени споредбени анализи за оваа со другите траси за гасоводот. Според нив, секој жител во градов сега има по 9 квадратни метри зеленило, наместо предвидените 25 квадратни метри зеленило, површина што долго нема да ја достигнеме ако на таков начин ја сечеме шумата. Скопје има само два поголеми парка, а населението постојано расте. Говорниците истакнаа дека со изградбата на Крстот на Водно, жичницата, патот до Сончев Град и изградбата на сите објекти на планината се уништени 150 илјади квадратни метри шума, а имаме само 2.500 хектари шума. Токму затоа граѓаните сметаат дека со изградбата на гасоводот само ќе му се пресуди на Водно, а идно пошумување на планината никој не гарантира.

Министерот за економија Крешник Бектеши зборуваше за придобивките од изградбата на гасоводот, за намалувањето на емисијата на штетни материи и дека проектот има приоритет да обезбеди квалитетни услови за живот од кои сите ќе имаат корист. Со гасоводот, рече тој, ќе се намалат трошоците во однос на постојниот начин на греење, ќе се обезбеди евтин енергент. Нагласи дека на тој начин Владата сака и нашите компании да станат поконкурентни, а потоа зборуваше за начинот на дистрибуција на гасоводната мрежа и како таа да стигне до компаниите и домаќинствата, кои во голем процент ќе заштедат за греење ако се греат со гас, наместо со струја или друг вид енергент.

– Сакаме да изградиме партнерски однос со граѓанските здруженија – рече Јани Макрадули,заменик министер за животна средина, и додаде дека Матка и Водно треба заедно да ги заштитат со граѓаните, бидејќи од градот Скопје, Водно не е заштитено подрачје. Тој побара заедно да ги донесат законите за заштита на овие подрачја. До затворањето на весникот дебатата сѐ уште траеше.

Како што е познато, изградбата на гасоводот на Водно предизвика загриженост и реакции во јавноста. Пред почетокот на градежните активности претходеа интензивни разговори со активистите и со загрижените граѓани и се бараа заеднички алтернативни компромисни решенија. Резултат на сето тоа беше само намалување на ширината на трасата на гасоводот од 25 на 10 метри и измени на трасата во еден дел од четири километри.