Да нема деца жртви во сообраќајот

240
Поголема едукација на децата, кои ќе бидат идни возачи Фото: Маја Јаневска-Илиева

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) оваа година ќе се фокусира на реализација на програми и проекти насочени кон ранливите групи во сообраќајот, како што се децата и мотоциклистите. Тие се две различни групи учесници во сообраќајот, но заедничко за нив е тоа што тие многу често страдаат.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи, во 2018 година на територијата на Република Македонија настрадале вкупно 306 мотоциклисти. Од нив 14 загинале, 96 добиле тешки телесни повреди, а 199 вкупно имале телесни повреди. Во однос на помладата популација, претходната година загинале 9 млади лица на возраст под 19 години.

– Ако се има предвид колкав дел од сообраќајот им припаѓа на мотоциклистите и колкаво е нивното учество во вкупниот број на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди, може да се каже дека мотоциклистите се најзагрозена и најнебезбедна група учесници во сообраќајот. Имено, повеќе од 10 проценти од жртвите во сообраќајни незгоди се мотоциклисти, а истовремено тие опфаќаат околу 0,5 проценти од вкупниот сообраќај. Децата страдаат во сообраќајот, но не по своја вина туку по вина на возрасните. Затоа возрасните како учесници во сообраќајот и институциите, кои се надлежни за безбедноста во патниот сообраќај, треба да ја понесат одговорноста да ги заштитат децата од повреди и загуби во сообраќајот – велат од РСБСП.

Оттаму додаваат дека целокупната нивна работа ќе биде во правец бројот на загинати деца да биде рамен на нула.

– Целта на Втората национална стратегија за унапредување на безбедноста на
сообраќајот на патиштата е до 2020 година бројот деца загинати во сообраќајни незгоди да биде нула. Според податоците, заклучно со месец септември 2018 година, во Република Македонија, 5 деца на возраст до 14 години и 4 лица на возраст од 15 до 19 години го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Иако на прв поглед изгледа дека е тешко до 2020 година да се остварат целите да нема деца жртви во сообраќајот сепак тоа е концептот од кој надлежните институции не треба да отстапат, односно тоа е концепт според кој безбедноста на децата треба да биде врвен приоритет за секој учесник во сообраќајот и на секоја надлежна институција. Вториот момент, кој е многу важен кога е во прашање безбедноста на децата во сообраќајот и сообраќајната едукација на децата, е тоа што тие се идните учесници во сообраќајот, идните носители и креатори на сообраќајниот систем. Водејќи се од тоа, приоритет е од најмала возраст децата да ги совладуваат сообраќајните правила и прописи, да ја градат сообраќајната култура и етика и на тој начин да се креира еден систем од општествени вредности во кој сообраќајното поведение ќе зазема важно место – објаснува Ристо Мачев од РСБСП.

И мотоциклистите често се жртви во сообраќајни несреќи. Билтенот на Министерството за внатрешни работи од втори јануари годинава бележи податок за тешко повреден мотоциклист во Куманово.

– Во согласност со тоа, во 2019 година, мотоциклистите ќе бидат во фокусот на РСБСП и во таа насока ќе се унапреди соработката со мотоклубовите, ќе се организираат едукативни собири и дефилеа. Активностите ќе бидат насочени кон мотоциклистите, нивното поведение во сообраќајот и користењето на заштитната опрема. Но, секако, ќе бидат реализирани и активности насочени кон возачите за почитување на мотоциклистите како рамноправни учесници во сообраќајот – велат од РСБСП.

Во рамките на реализацијата на годинашните планови, РСБСП веќе ја почнаа и кампањата „Без изговори“. Но во плановите за годинава влегуваат и многу натпревари за децата за теоретско и практично познавање на сообраќајот, едукативни предавања, обуки за вешто управување велосипед, едукативни материјали и многу други активности.