Дали системските мерки ќе ни овозможат почист воздух?!

144
И сега во некои денови мерните станици покажуваат поголемо загадување (Фото: Маја Јаневска-Илиева)

Иако е лето, зачудува фактот што има денови кога мерните станици во Скопје покажуваат повисоки вредности од дозволеното на опасните честички ПМ 10 и ПМ 2,5 што се присутни во воздухот. По навика од изминатата зима, некои скопјани продолжија и натаму секојдневно да ги следат вредностите на загадувачките честички на воздухот, а поради ваквите показатели велат дека се исплашени каков воздух ќе дишеме наредната. Ќе носиме ли повторно маски, како што носиме шалови и капи, и дали одговорните прават нешто летово, преземаат ли некакви мерки за да бидеме помирни во зима. Градските власти тврдат дека реализираат голем број проекти и активности во насока на намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух во Скопје. Велат дека системски работат за да ги елиминираат еден по еден причинителите за загадувањето во градот. Децидни се дека работат за намалување на загадувањето и кога не е сезона. Еден од најновите чекори е формирањето на новото јавно претпријатие „Градски енергетски системи“ – Скопје, кое ќе врши енергетски дејности. Ова акционерско друштво, како што е познато, ќе врши снабдување со природен гас и топлинска енергија, а граѓаните на Скопје во претстојната грејна сезона ќе можат да почнат да ги користат неговите услуги, со што почнува да се имплементира процесот на гасификација на градот. Веднаш потоа се активностите за обновување на јавниот транспорт преку пробното возење на електричен и автобус на гас. Во контекст на ова го вбројуваат како мерка во најава и поставувањето 30 нови полначи за електрични автомобили, кои во почетокот ќе бидат бесплатни.

– Борбата за здрава животна средина не познава лето или зима, борбата не познава делник или неработен ден, борбата е перманентна, константна и само со таква борба ќе успееме да го подигнеме Скопје на повисоко ниво – порача градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, неодамна при посетата на „Усје“.
Градоначалникот тогаш рече дека градот ја продолжува секојдневната грижа за здрава животна средина. Нагласи дека во континуитет ќе се врши притисок кон имателите на интегрирани дозволи да се држат целосно до технолошкиот процес и на тој начин тие нема да партиципираат во високото ниво на загадување на здравата животна средина и на амбиенталниот воздух.
– Дел од борбата против загаденоста се и активностите за зголемување на користењето на велосипедите, а градот оваа година издвои 10 милиони денари за набавка на велосипеди. Оваа можност ја искористија 3.131 граѓанин. Иако не беше во надлежност на градот, го решивме проблемот со загадувањето што го создаваа печките во депонијата „Дрисла“, каде што е поставен нов воден филтер на инсенераторот за медицински отпад. Овој филтер ги апсорбира ПМ10 честичките, јаглерод моноксидот и другите честички што се ослободуваат при согорувањето, а поставен е во согласност со препораките на Државниот инспекторат за животна средина – објаснуваат од канцеларијата за информирање од градот.

Оттаму во низата мерки ги наведуваат и активностите за обука на 25 оџачари, за да се исчистат што повеќе оџаци, а за оваа мерка градот издвои два милиони денари. Расчистувањето на дивите депонии и спречувањето на потпалувачите на оган на отворено ги вбројуваат исто така во дел од активностите.
Велат дека имаат засилени контроли од страна на инспекциски служби, кои работат на терен на контрола на објектите што работат со еколошка дозвола Б, а се координираат и со еколошките инспекциски служби во чија надлежност се големите капацитети со еколошка дозвола А. Инспекторите тврдат дека вршат интензивен надзор и на сите градилишта во Скопје.
За да се спречи загадувањето на воздухот, нагласуваат дека инвестираат во енергетската ефикасност на објектите во надлежност на градот и гасификацијата на четири средни училишта. Исто така се набавуваат 572 прочистувачи за воздух за сите средни училишта во градот, за што се издвоиле 12 милиони денари. Ќе помогнат ли сите овие мерки на градот и дали треба многу повеќе да се направи за зимава да не дишеме ПМ 10 и ПМ 2,5 честички, ќе покаже времето.


Телефон за пријавување оган на отворено

Во градот Скопје сѐ уште функционира бесплатниот телефонски број 193, бројот на противпожарната служба на Скопје, на кој граѓаните можат да пријават и палење оган на отворено. Отворениот оган секако го загадува воздухот, па оттаму ваквите активности и треба да се пријавуваат, особено ако станува збор за палење кабли, пластика или други материјали, од кои најмногу се загадува амбиенталниот воздух.


Ќе се испитува загадувањето од огревното дрво

Градот неодамна објави оглас преку кој бараше економски оператор за проширување на испитувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух од согорувањето на дрвото како средство за затоплување. Испитувачот што ќе биде одбран да ја прави анализата ќе добие 1.694.915 денари, а времетраењето на договорот ќе изнесува 14 месеци. Како што стоеше во огласот, кандидатот треба да има акредитирана лабораторија за технички испитувања и соодветна опрема за мерење на ПМ 10 честички и мерење на концентрацијата на левоглукосан во тој состав. Анализата во 2016-та спроведена од страна на градските власти потврдила дека најголемото загадување на амбиенталниот воздух во главниот град е последица само од начинот на кој се затоплуваат домаќинствата.