Граѓанските здруженија против гасоводната траса и уништувањето на Водно

271

Голем број граѓански иницијативи се здружија и ги повикаа скопјани на собир против изградбата на гасовод по должината на планината Водно. Собирот ќе се одржи в недела, 25 март, во 8 часот пред полициската станица во подножјето на Водно. Целта на здружените иницијативи и на собирот е да се стопира, а потоа и да се пренасочи трасата на гасоводот, односно истата таа да не минува преку парк-шумата Водно, потоа да се прекинат сите градежни активности на планината и истата таа да добие статус на заштитено подрачје.

Организаторите велат дека не се против изградбата на гасоводот, туку се против трасата на гасоводот да минува преку целата должина на планината. Тие сметаат дека оваа траса мора да се промени и дека не смее на сметка на природата и на здравјето на луѓето да се гради и да се уништува. Граѓанските иницијативи што го поддржаа протестот се: „Спас за Водно“, „Стоп за загадувањето“, „О2 коалиција за чист воздух“, „Ние сме Карпош 4“, „За Спас на Кисела Вода!“, „Воздух сега!“, „Скопје смог аларм“, „Скопје бара чист воздух“, „Граѓанска група Карпош 3“, „Зелено Тафталиџе“ и „Грин пауер“.

Инаку изминатата недела, на сртот на планината Водно, во правец накај кањонот Матка, багери копаа и го подготвуваа теренот за изградба на дел од гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар. Овие градежни работи ја вознемирија јавноста и предизвикаа многу реакции, бидејќи претходно немаше никаква најава за какви било градежни работи во овој реон. Проектот за изградба на гасовод, кој ќе минува на Водно, е одобрен во 2010 година, а трасата ќе минува под локалниот пат за селата Соње и Ракотинци, ја заобиколува населбата меѓу село Сопиште и Ракотинци и пристапува во просторот на планираната населба Сончев Град. Од оваа локација потоа се искачува кон врвот на Водно, од западната страна од Милениумскиот крст, а оттаму е планирано двоење од главниот вод со поставување на станица „Водно“, која ќе користи за опслужување на комплексот во состав на крстот. Од врвот на Водно гасоводот ќе продолжи кон Матка.

Од АД „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР), кои го градат гасоводот, за медиумите изјавија дека имаат одобрение за градење од 7 декември 2016 година. Оттаму тврдат и дека гасоводот е подземен инфраструктурен објект, а по неговата изградба, земјиштето на целиот потег ќе се врати во првобитната состојба како пред изградбата и ќе се изврши негова рекултивација. Тие сметаат дека реализацијата на наведениот проект претставува изградба на објект од јавен интерес, кој има примарно влијание врз екологијата и од кој корист ќе имаат сите граѓани.

Од друга страна, организаторите на собирот против гасоводната траса преку Водно сметаат дека изградбата на гасоводот не претставува само поставување цевки, туку за неговата изградба се потребни тешка механизација, возила и камиони, изградба на пристапни патишта, градба на бараки за работици, а со тоа се создаваат и депонии од градежен отпад и потребна е сеча на шумите. Дополнително, организаторите велат дека на 25 метри од цевките не е дозволено да има шума поради опасност од пожари, пристапност за одржување и оштетување од корења, па затоа сметаат дека е невозможно да се врати шумата во првобитната состојба по спроведувањето на оваа гасоводна траса. С.Р.