Граѓанска иницијатива храни сѐ повеќе гладни усти

113
Граѓаните сѐ поорганизирано делат храна за сиромашните

Сѐ повеќе граѓани, активисти и здруженија организирано покажуваат грижа за своите сиромашни сограѓани, кои не можат да си обезбедат три оброци или можеби ниту еден во текот на денот. Гладни усти има многу, а за социјално загрозените граѓани во Скопје само во седум општини на десет пункта се дели храна преку народните кујни. Тоа навистина не е доволно, па некои од сиромашните навраќаат и во кујните во црквите „Света Петка“ во Црниче и „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, кои одамна приготвуваат храна со донации од добротвори.

Најновата иницијатива за помош на сиромашните во храна, со заеднички здружени сили, доаѓа од граѓанските организации со акцијата „Нахрани 10.000“. На сите граѓани што сакаат да ѝ се приклучат на оваа акција организациите им препорачуваат да донираат храна што не е лесно расиплива како: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, кокошкина супа, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук. Проектот почна во април и целта е да се организираат акции секој месец. Следна акција за организирано собирање храна ќе има на 16 октомври и ќе трае од 10 часот до 19 часот, а намирниците ќе се прибираат на повеќе локации во Скопје, но и во Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Виница.

– Иницијативата „Нахрани 10.000“ почна преку граѓанската организација „Ајде Македонија“, во септември, во соработка со швајцарската амбасада. Целната бројка е да се соберат 60 тона спакувана и конзервирана храна. Досега имаме собрано 12 тона храна. Почнавме со непотребна храна што ни ја донираа фирми. Но, со текот на времето граѓаните сами бараа да се вклучат во овој процес. Така настана проектот „Нахрани 10.000“ во кој заинтересираните секој месец ќе можат да донираат храна. Засега имаме соработка во 10 града, но во наредните месеци се надеваме дека тој број ќе се зголеми – вели Блаже Јосифовски координатор на „Сите сити“ и претседател на „Ајде Македонија“.

Тој објасни дека, според податоците од Државниот завод за статистика, податоците од Министерството за труд и социјална политика и стандардите за дневни потреби од храна според Обединетите нации, пресметките укажуваат дека 445.000 луѓе во Македонија немаат 3 оброци дневно. Од друга страна, на годишно ниво во Македонија се фрлаат околу 12.000 тона храна.

Се смета дека според овој податок нашата држава се наоѓа на седмото или осмото место во светот според фрлање вишок храна.

Од една страна се фрла, а од друга се прават акции да се собере храна за оние што се гладни. Здруженијата како „Мрдни со прст“, „Љубезност“ и „Ретвитни оброк“ континуирано со своите акции се обидуваат да ја зголемат свеста кај граѓаните да им помагаат на своите сограѓани што се во незавидна состојба.

– Главната идеја ни е граѓаните да им помогнат на нивните сограѓани што немаат доволно храна. Сакаме да се активира граѓанскиот сектор и да им помогне на социјално ранливите групи во нашето општество. Целта ни е да создадеме свест кај нашите граѓани со која би им се помагало на оние што немаат. Рестораните и супермаркетите фрлаат големи количества храна. Законски таа храна не смее да се употребува. Затоа е потребна промена на Законот за донирање храна. Во овој момент е на ниво на дебата, сепак ние како здружение сме вклучени во работна група за согледување на недостатоците во моменталниот Закон за донирање храна. Законот е многу крут. Наплаќа данок од 10 до 12 проценти за донирана храна. А доколку храната има истечен рок мора да се уништи, а уништувањето на еден тон храна чини од 50 до 100 евра – вели Кристијан Калинов, активист на граѓанската организација „Ретвитни оброк“.

Оваа асоцијација во изминатите три години воспостави соработка со над 2.000 луѓе. „Ретвитни оброк“ вообичаено во петоците организира заедничко готвење на одредена локација, а зготвената храна подоцна се доставува и се дели зад Спомен-куќата на Мајка Тереза секоја сабота од 12.30 часот. На оние граѓани што немаат можност да дојдат, здружението „Љубезност“ им доставува дел од храната на неколку локации во градот каде што знаат дека има бездомници или социјални случаи, како на пример под Калето, спроти хотелот „Холидеј ин“. Поентата на здруженијата и организирањето на активностите во викендите е да биде овозможен постојан прилив на храна до социјално ранливите групи. Преку работната недела функционираат јавните кујни, кои, според здруженијата, тешко можат да ги задоволат потребите на сите гладни.

– Делиме од 170 до 230 оброци секоја сабота. Нашата тенденција е да се зголеми бројот на денови за оние што не можат редовно да добиваат храна. Мислам дека е потребен поголем напор за да се задоволат потребите на сите. Во работните денови народните кујни им овозможуваат храна на ранливите групи, а ние се обидуваме да им помогнеме секој ден. Имаме фирми како кетеринг-службите, кои ни даваат храна што не им треба. Се случува и по одредени прослави, свадби или одредени настани да ни донираат храна. Подоцна ги посетуваме социјално загрозените семејства и им носиме оброк. Наедно создаваме пунктови за донација, кои освен за храна се наменети за облека, обувки и за други работи што се потребни – вели Тони Станковски претседател на ЗГ „Љубезност“


Народните кујни за викендите нудат само сендвич

На територијата на градот Скопје отворени се народни кујни во 7 општини со вкупно 10 пункта. Во моментов услуга од народните кујни користат 706 лица. Оброците се делат од 9 часот до 12 часот од понеделник до петок. За деновите од викендот на корисниците во петоците им се дава ладен оброк. Услугите што се нудат во народните кујни се наменети за ранливи групи граѓани, кои се изложени на социјален ризик, корисници на материјални права од социјална заштита.
– Барањето за користење на услугите на народната кујна граѓанинот го доставува до меснонадлежниот центар за социјална работа. Центарот за социјална работа, заради обезбедување непосредна помош и заштита на ранливите групи граѓани изложени на социјален ризик, веднаш презема соодветни мерки за заштита и иницира постапка во согласност со постојната законска регулатива. Народните кујни се организациски единица на Центарот за социјална работа и тие се во надлежност на самата установа. Финансиските средства се обезбедени од буџетот на Република Македонија – вели Жаклина Величковска, раководителка на одделението за односи со јавноста во Министерство за труд и социјална политика.