Граѓаните протестираа, „Усје“ ги отфрли обвинувањата

138

„Катанец на „Усје“, „Доста нè труете, сакаме да дишеме“, „До кога ќе горите гуми и отпад“, довикуваа и свиркаа граѓаните додека менаџерот на фабриката на денешниот протест се обиде да даде изјава и да објасни дека „Усје“ не е загадувачот на воздухот во Скопје. Револтираните граѓани што дојдоа на протестот пред фабриката прашуваа дали е точно дека тука во ноќните часови се гори сомнителен отпад, се крева црн чад и обвинија дека надлежните не преземаат никакви мерки.

– Не, нема ништо такво. Фабриката има филтри, има интегрирана дозвола. Во песокот нема олово и цинк, од каде ви се тие податоци. Дојдете и уверете се во кое време и да сакате, ќе видите дека „Усје“ не е причинителот за загадениот воздух во Скопје – рече Борис Хрисафов, генерален директор на фабриката.

На денешниот протест активистите од Движењето за чист воздух го блокираа влезот пред цементарницата, како што велат, да го кренат гласот против корумпираните политики поради што не се носат закони во согласност со европските директиви. Во знак на револт пред фабриката оставија пехар, како што рекоа, за трујач на годината.

– Еве, му даваме рек од шест месеци или една година на „Усје“ да постави сензори што ќе ја покажуваат емисијата на штетни гасови. Нема да останеме на ова, пак ќе се собереме тука за да видиме како тие функционираат. Нема да дозволиме корупцијата и бизнис-интересите да бидат пред интересите на граѓаните – изјави активистот Марјан Ненов.

Активистите бараат целосна забрана за каков било отпад додека не се усвојат функционални контролни механизми и директиви, поголема вклученост на граѓанскиот сектор во инспекциските надзори, како и акредитирање на лабораториите на Министерството за животна средина.

– Го повикуваме претседателот на државата како врховен командант да се справи со оваа војна бидејќи ние водиме битка за чист воздух и да изврши притисок врз политичарите што треба да создадат амбиент преку носење одлуки да имаме чиста животна средина. Да се инсталира интегриран мониторинг-систем во сите 150 фабрики, а не да ни доставуваат извешаи во табели. Ние не сме тие што тврдиме дека не се почитуваат прописите, европскиот ревизор забележува дека има пропусти – додава Тони Никушевски од Движењето за чист воздух.

Од Движењето за чист воздух информираа дека нивните активности не запираат тука, најавија серија протести и пред другите индустриски објекти.


УСЈЕ: Протестите се на погрешна локација, работиме согласно највисоките стандарди

Цемантарница „Усје“ е отворена компанија и, како и досега и денес ги отворивме вратите и ги поканивме граѓаните кои дојдоа да протестираат да нѐ посетат, да ги постават сите прашања и да се уверат на самото место дека работиме по највисоките стандарди. За жал, оваа покана беше одбиена од нивна страна.Потенцираме дека „Усје“ работи согласно највисоките стандарди и нашата работа нема никаква корелација со состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје. Овие наши тврдења можат да се проверат во кое било време, а сите податоци се јавно достапни.

Оттука, потенцираме дека протестите пред „Усје“ се на погрешна локација и посочуваме дека паушалните обвинувања и тврдења кои се изнесуваат во јавноста од страна на дел од граѓанските и невладини организации се неодговорни и ја доведуваат во заблуда јавноста, а нималку не придонесуваат за подобрување на состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје. Ваквите неосновани тврдења создаваат целосно погрешна слика за нашата компанија, а истворемено создаваат и негативна слика за граѓанскиот сектор.

Убедени сме дека постои желба за искрена намери за подобрување на состојбите во животната средина, ние ги поддржуваме сите такви заложби и самоиницијативно преземаме низа активности во таа насока. За да се подобрат состојбите во животната средина мора сите заложби да се засноваат на факти, а не на перцепција и целосно неосновани тврдења.

„Усје“ и понатаму ќе продолжи да работи согласно највисоките стандарди што важат во земјава и во Европската Унија и во иднина ќе ги поддржи сите искрени намери – се додава во реакцијата.