Градското енергетско претпријатие ќе донесе пониска цена на парното

718
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Веста за основањето ново акционерско друштво, кое ќе се занимава со енергетски дејности од страна на градот Скопје наметна многу прашања кај граѓаните. Пред сѐ дали скопјани сега ќе добијат избор и сами ќе одберат од кого ќе се снабдуваат со топлинска енергија, бидејќи тука се и постојните претпријатија БЕГ, топлификацијата „Скопје Север“ и железарската „Енергетика“. Дали со формирањето на ова ново претпријатие ќе се либерализира пазарот на топлинска енергија, па слично како што се најавува купувањето електрична енергија ќе се избира и од кого ќе се купат топлинска енергија и гас? Дали сега гасот многу побрзо ќе стигне во нашите домови..?!

Ги прашавме и во градот дали сега граѓаните ќе избираат од кого ќе добиваат топлинска енергија. Оттаму добивме само краток одговор на нашите прашања дека повеќе детали за тоа како ќе функционира дејноста за која се основа ова претпријатие ќе бидат објавени заедно со носењето на актите за регулација на работењето на претпријатието.

Некои од познавачите на бизнисот со топлинска енергија и гас тврдат дека формирањето на новото акционерско друштво на градот по сѐ е добра работа и за граѓаните и за инвеститорите, а ќе има само конкуренција во производството на топлинска енергија. Тврдат дека интенцијата на градот е да се намали цената на топлинската енергија, а тоа ќе се случи само доколку има повеќе производители. Објаснуваат дека новото акционерско друштво за енергетски дејности ќе се занимава со дистрибуција и снабдување со топлинска енергија и дистрибуција и снабдување со гас, па оттаму сметаат дека либерализацијата не се прави во овие два домена, бидејќи мрежата е на државата. Конкуренцијата, велат, ќе се јави само во производството на топлинската енергија. А во тој случај, кога ќе се јават повеќе производители на топлинска енергија, ќе падне и цената.

Според сето ова, може да се каже дека парно ќе може да има секој дом и тоа веројатно ќе чини поевтино од огревното дрво. Ова би требало да води и во саканиот правец, Скопје да добие повеќе чист и незагаден воздух.
Понатаму, додаваат, ако Струмица можеше сама да си изгради мрежа за дистрибуција на гасот, можат и другите градови, па и Скопје, бидејќи тоа се прави брзо затоа што се поставуваат пластични цевки. Додаваат дека мрежите на енергетските системи треба да се контролираат од локалните самоуправи. За да има нови инвеститори, велат некој мора да го гарантира плаќањето, а во случајов градот ќе ги собира парите од граѓаните и ќе може да ги плаќа производителите на топлинска енергија.

– Формирањето на новото акционерско друштво од страна на градот ќе донесе позитивни ефекти и во топлификацискиот систем и во развојот на дистрибутивната мрежа за снабдување со гас. За граѓаните да добијат поевтино греење потребно е поголемиот дел од производството на топлинска енергија да биде од комбинирано производство на електрична и топлинска енергија како што е ТЕ-ТО АД. Овој објект покрива само дел од потрошувачката во градот Скопје. За да може и другите делови од топлификацискиот систем да имаат такви извори на топлина потребно е слични енергетски објекти да бидат изградени и на локациите на другите топлани во градот Скопје. Со тоа ќе има повеќе производители на топлинска енергија во градот и ќе има конкуренција помеѓу нив. Само преку повеќе независни производители на топлинска енергија, кои ќе снабдуваат со топлина дистрибутер и снабдувач контролиран од локалната самоуправа системски се обезбедува конкуренција во топлификацискиот систем – вели Димитар Хаџи Мишев, директор на „Топлификација“ АД.
Инволвираните во овие бизниси тврдат дека формирањето на новото акционерско друштво од страна на градот ќе донесе само добро. Во случајов градот ќе ги собира парите од граѓаните, а тоа значи ќе има кој да им гарантира на инвеститорите дека топлинската енергија ќе им биде платена.

Други, пак, тврдат дека новоформираното претпријатие ќе мора да добие лиценца и да испочитува низа други законски акти пред да почне да функционира. Така функционираат и сега постојните компании.
– Компаниите во состав на БЕГ („Балкан енерџи груп“) АД се деловни субјекти, кои поседуваат важечки лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија на територија на градот Скопје. Во согласност со обврските што произлегуваат од овие лиценци, издадени според важечката законска регулатива и пропишаните процедури, од страна на државната Регулаторна комисија за енергетика, компаниите во состав на БЕГ АД: „Производство на топлина – Балкан енерџи“, „Дистрибуција на топлина – Балкан енерџи“ и „БЕГ-Снабдување со топлина“, функционираат редовно и во согласност со своите деловни и оперативни планови ги реализираат сите планирани инвестиции, како и неопходните ремонти и подготовки на системот за грејната сезона 2018/2019 – објаснуваат од БЕГ.