Гранки сѐ уште удираат по автобусите на ЈСП

108

Дел од корисниците на градскиот автобуски превоз укажуваат дека нема видливи резултати од започнатата акција за кастрење на крошните на дрвата кои се наоѓаат покрај коловозите. Гранките повторно удираат по двокатните автобуси и ги плашат патниците, но тие не претставуваат проблем само за нив, туку доколку се остават да растат можат да предизвикаат поголема штета на градските автобуси.

Познато е дека околу средината на јуни имаше случка во која ракометарите на Вардар при враќањето во Скопје со двокатните отворени автобуси беа потчукнувани од израснатите гранки на дрвјата крај градските улици. Во тој период, по барање на јавното претпријатие „ЈСП Скопје“ беше иницирана акција за поткастрување на гранките на дрворедите низ главните булевари во градот. ЈСП наведе дека целта на оваа акција е безбедно одвивање на јавниот градски превоз, уредување на долните гранки од дрвјата кои удираат на горните делови на двокатните автобуси и предизвикуваат штета. Притоа се мислеше и на зголемување на безбедноста на пешаците и на велосипедистите.

– Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“, во координација со ЈСП, од 18.6.2019 година ќе работат на поткастрување на гранките што се надвиснати над улиците и пречат во движењето на автобусите. Со оваа акција ќе бидат опфатени линиите 2, 3, 4, 5, 7, 8, 9, 16, 10 и 57. Истовремено, ќе бидат поткаструвани и гранките над пешачките и велосипедските патеки, а ќе бидат исечени и суви дрвја што се наоѓаат на посочените траси – се наведува во соопштението на ЈСП од 17 јуни. Прашање е колку тоа е реализирано, зашто и понатаму има поплаки од патници, а не се задоволни ни велосипедистите.

– Надлежните најавија дека ќе ги сечат нараснатите гранки од дрвјата од улиците по кои поминуваат автобусите на ЈСП. Се возам со автобуските линии 3, 5 и 15 и не забележав поткастрени дрвја, туку напротив, забележав непоткастрени кои удираат во автобусите и ги вадат луѓето од памет. Пред некој ден, една постара жена седеше на предните седишта. Кога една од гранките удри во горниот дел на двокатниот автобус таа се уплаши, ги дигна рацете во воздух и почна да вика. Мислеше дека некој ја нападнал или дека нешто ѝ се случило. Некогаш се возам со велосипед. На некои места има израснати гранки кои ми пречат при возењето – вели граѓанка од општината Аеродром. Од ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека акцијата за поткастрување на крошните на дрвјата сѐ уште е во тек. Од ЈСП велат дека досега се поткастрени сите крошни на потегот од Автокоманда до Сарај. Очигледно поткаструвањето тешко се одвива. Според информациите може да се заклучи дека е потребно време за успешно да се заврши акцијата која е во соработка со двете јавни претпријатија. Дотогаш изгледа патниците сами ќе треба да се справуваат со звукот од ненадејните удари на непоткастрените гранки, а велосипедистите да ги избегнуваат нараснатите гранки.