Градските фонтани нефункционални и полни со ѓубре

682
Надлежните се фатија за работа и почнаа да чистат Фото: Дарко Андоновски

Наместо да бидат украс на градот и да им ја гасат жедта на граѓаните и на туристите, градските фонтани и јавните чешми се преполни со ѓубре и нефункционални. Ниту некој може да се напие вода, ниту пак туристите можат да се фотографираат покрај украсните фонтани на градскиот плоштад или на плоштадот „Филип Втори“. Многу од малите фонтани, на кои во жешките денови скопјани пиеја вода, сега се полни со догорчиња и секакво ѓубре. Ваквата слика не е ништо друго туку одраз на некултура и негрижа на надлежните.

На градскиот плоштад фонтаната со водоскок не работи, а нефункционална и полна со ѓубре е и фонтаната што ги менува боите. Малата фонтана пред Европскиот универзитет не само што не работи, туку несовесни граѓани ја користеле како да е канта за ѓубре. Можеби и многу други фонтани не работат по скопските населби.
За нефункционирањето на фонтаните последниов период беа гласни и некои од медиумите, а јавно се пожалија и туристите. Тоа можеби е и причината што во четвртокот надлежните се фатија за работа и почнаа да ја чистат од ѓубре фонтаната на градскиот плоштад. Иако „Нова Македонија“ неодамна ги праша одговорните од ЈП „Водовод и канализација“ зошто не работат градските фонтани, сепак не добивме одговор.

Како што е познато од неодамна, фонтаните за кои беше задолжен градот Скопје, станаа обврска на јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
– Во согласност со одлуката на Советот на градот Скопје, одржувањето на фонтаните во централното градско подрачје го презеде ЈП „Водовод и канализација“, бидејќи истото тоа е најстручно за оваа проблематика. Во нивна надлежност се и дел од фонтаните за пиење вода – објаснија од градот Скопје.
Првиот човек на претпријатието неодамна јавно кажа дека градските фонтани наскоро ќе бидат пуштени. Екипата на „Нова Македонија“ во четвртокот ги затече надлежните како ја чистат фонтаната на градскиот плоштад.

Фонтаната пред Европскиот универзитет полна со догорчиња
Фото: Дарко Андоновски

[email protected]