Градот Скопје бесплатно ќе ги собира остатоците од бербата по нивите

144
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Градот Скопје воведува програма за бесплатно собирање на остатоците од бербата по нивите и засилени инспекциски контроли за несовесните земјоделци. Од градот Скопје велат дека се прва единица на локална самоуправа што започнува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, а целта е да се намали загаденоста на воздухот и да се зачува плодноста на почвата.

– Досега стрништата, плевелите и другите растителни отпадоци беа палени поради тоа што на земјоделците не им беше понудена алтернатива за справување со отпадот од бербата, независно од тоа што палењето ја уништува плодноста на почвата и создава штетни материи што го загадуваат воздухот и претставуваат опасност за здравјето на сите, а особено на оние што се во близина – рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

До 30 септември градот ќе им биде на располагање на сите земјоделци што имаат каков било отпад од берба и со негова помош бесплатно ќе им биде отстранет од полињата, за да се спречи негово палење. Сите земјоделци од скопските општини може да се пријават на телефонскиот број 071 395 395 и на вработените во градот Скопје да им ги остават своите податоци секој работен ден од 8 до 20 часот. Градот по претходно утврден план и редослед, реонски, бесплатно ќе го собира растителниот отпад и ќе го носи во „Дрисла“.